Инфо ден за можностите за користење ветерна и сончева енергија
Центарот за промоција на одржливи земјоделски практики и рурален развој ЦеПроСАРД, во соработка со Агенцијата за енергетика на Република Македонија организира Инфо ден за можностите за користење на ветерната и сончева енергија.
Tимот на ЦеПроСАРД и претставниците од Агенцијата за енергетика ќе презентираат корисни практики за искористување на ветерната и сончевата енергија во домаќинствата, на фармите, на работните места. Посетителите ќе можат да видат модел на ветерница за пумпање на вода, сончеви колектори за топла вода и фотоволтаични панели.
Можностите за искористување на обновливите извори на енергија во Македонија, како и придобивките од нивното користење ќе ги претстави директорот на Агенцијата за енергетика Лазар Гечевски.
Успешниот развој и пласман на домашно произведените сончеви панели и фотоволтаици ќе бидат презентирани од претставници од бизнис секторот, а извршниот директор на ЦеПроСАРД Светлана Петровска ќе се осврне на можноста за пумпање на вода со помош на ветерници.