Ивановски: ОБСЕ даде позитивно мислење за законот за медиуми
Генерално позитивно мислење со минимални забелешки достави ОБСЕ во врска со последните измени на Предлог-законот за медиуми и Предлог-законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, изјави на денешната прес-конференција во Владата министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски, кој е надлежен за овие закони.
- За нас ова е поттик да продолжиме со истото темпо кое го правевме во изминатите 18 месеци на овие два закона со цел да се постигне подобар медиумски сектор во РМ, да се зголеми слободата на медиумите и да се подобри нивната работа. Тоа се мал број на забелешки, но без разлика на квантитетот ќе се посветиме да се подобри квалитетот на решенијата, рече Ивановски претставувајќи го Извештајот на ОБСЕ, само еден час откако го добиле.
Во однос на Законот за медиуми, вели, позитивно е оценета одлуката за бришење на членот за саморегулација, прифатлива е и дефиницијата за новинар. За членот 4, кој се однесува за посебните забрани, ОБСЕ потенцира дека тој е по теркот на меѓународните стандарди и сугерира подобро да се објасни потребата за овие посебни забрани во Законот за медиуми.
ОБСЕ препорачува да се изостави членот 13, кој што се однесува на заштита на изворот на информации и да се остави на професионалните стандарди и релации помеѓу уредниците и новинарите во медиумите. Ивановски прецизира дека овој предлог доаѓаше токму од новинарската фела во РМ и беше доставен до МИОА и најави дека ќе продолжат дискусиите за негово допрецизирање.
Во однос на глобите во Законот за медиуми, ОБСЕ препорачува да се има градација во казнената политика на Агенцијата.
За Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги ОБСЕ оценува дека Законот ја следи директивата за аудиовизуелни медиумски услуги на ЕУ. Позитивно е оценета и одлуката да има дополнителни членови во Советот на Агенцијата од граѓанското општество. Министерот Ивановски појасни дека согласно последниот предлог, по два членови во Советот предлагаат Собранието на РМ и ЗЕЛС, а по еден Адвокатската комора, мнозинското здружение на новинари и Интеруниверзитетската конференција. Целиот процес за именувањето, селектирањето, поставувањето на критериумите за кандидати е прифатливо од страна на ОБСЕ. Препорачуваат, додава Ивановски, каскадно да се именуваат членовите на Советот како што е и во посточекиот систем во РМ.
На новинарско прашање за барањето на ЗНМ да се повлече Законот за медиуми, а да се подобри Законот за аудиовизуелни медиумски услуги, Ивановски рече дека токму ЗНМ побарало првичната верзија на Законот за медиуми да се подели во два посебни закона. Инаку, вели ова решение е поздравено од ОБСЕ, а го поддржало Здружението на новинари МАН и воедно добиле поддршка и од меѓународните тела.
ФОТО. МИА