Иванов: Македонија нема со кого да дојде до решение за спорот со името

 

Денеска македонскиот претседател Ѓорѓе Иванов уште еднаш потенцираше дека грчкиот премиер Самарас само потврди дека Македонија нема со кого да дојде до решение за името и дека ништо друго и не треба да се очекува од човекот кој пред две децении го создаде проблемот и сега сака да се оттргне од негово решавање.

 Иванов го повтори ставот изнесен пред неколку дена кога во посета на Македонија беше словенечкиот претседател Борут Пахор.

- Немаме со кого да дојдеме до решение. Се избегнува дијалог, а само така може да се надминат несогласувањата.  На секоја наша иницијатива добиваме негативен одговор од грчката страна, истакна Иванов.

Посочувајќчи го уште еднаш како успешен примерот меѓу Хрватска и Словенија, претседателот рече дека сите проблеми во регионот секогаш се решаваат со разговор.

- Словенија како земја членка на ЕУ беше принудена европски да се однесува кон земјата кандидат. Но, одлуката да се водат паралелно преговорите за членство и решавањето на проблемот, беше донесена меѓу Словенија и Хрватска. Седнаа претставниците во Љубљана и во Загреб и дојдоа до решение, напомена Иванов.