Катица Јанева и легитимитетот
Иако на Катица Јанева веќе некое време свесно и го имаат скратено маневарскиот простор во давање изјави заради доброто на СДСМ и на дел од меѓународната заедница која е нескриено и нејзин старател, пустото вчера работата излезе од контрола. Дали заради бриселските терористички напади, дали заради презафатеноста на менторите со други активности, Катица вчера на целата македонска јавност бесплатно и приреди шоу програма која верувам дека сите долго ќе ја паметиме заради шокантноста на изјавите изречени од устата на официјален орган на Република Македонија. Вчерашната прес-конференција ќе ја паметиме по невидената леснотија со која Катица успеа за кратко време да искаже исклучително тешки зборови насочени директно против македонската држава. За неколку минути, Катица успеа да ја тресне од земја цела држава без око да и трепне, без мува да ја полази. Верувам дека и нејзиниот старател вчера се најде во шок, и веројатно од мака ќе си пукнел што не успеал да ја спречи, ама зборовите веќе отидоа во етерот, останаа запишани во македонската правна и политичка историја.
„Елоквентната“ Катица вчера си ја симна големата мака од душата. Замислете, таа госпоѓа била приморана да соработува со нелегитимни институции, била викана од нелегитимното Собрание да си го објасни хаотичниот извештај што го препорачува за урнек по кој сите други институции и органи требало да ги прават своите извештаи. Замислете, кутрата таа, на мака била ставена затоа што тоа нелегитимно Собрание, и тој нелегитимен Совет на јавни обвинители барале од неа да ги врши должностите што по Устав и по закон е должна да ги врши. Совесно и одговорно, се разбира.
Старателот не успеа до крај со планот. Заборави дека „орната македонка“ кај и да е, требало не требало, ќе си ја каже големата мака што и стои на душата, и ќе си објасни сé што мисли дека треба да објасни. А на душата и чучела нелегитимна Република Македонија. Со неколку зборови, Катица си објасни што таа мисли за нејзината држава, и за нејзините сограѓани. Со неколку зборови таа си кажа дека за неа институциите и државата се обична нула која може во секое време да биде избришана со нејзиното тинте. И што е најтрагично во целата оваа состојба е што жената мисли дека реченото е вистина, и дека таа се бори за вистината на идентичен начин како што Заев се бори за вистината.
Во својот прв настап пред македонската јавност, Катица ја повика науката во државата, а посебно професорите по уставно право да соработувале со неа, во насока нели на проширување на нивните научни видици и познавања за категориите од областа на меѓународното право. Демек таа и нејзиниот тим биле подготвени да ги учи македонските професори за новите тенденции и сознанија во правната наука. Тогаш, слушајќи ја нејзината порака си помислив, добро можеби женава е навистина инспирирана од нејзината нова позиција во системот, која очигледно ја има понесено, па таквиот жар навистина ја има амбицирано да постигнува некои повисоки научни дострели, со ниет истите да ги пренесува и на другите. А можеби, си реков тогаш, се работи за креативна трема која ја има натерано да се излета повеќе од напишаното, што е повторно човечка работа на која може и да се најде некакво логично оправдување. Но, после она што ни се случи вчера, после онаа шокантна прес-конференција, не ќе да е трема или емотивен излив на новајлија во професијата, не ќе да е лош ден, или лош тајминг. Она што македонската, а и пошироката јавност го слушна вчера лично и персонално од Катица Јанева е луѓе мои национална катастрофа. Професионално и лично закопување до крај на животот. Вчера Катица на сите ни стави пепел. Вчера Катица го помножни со нула секој македонски граѓанин, ги помножи со нула институциите на македонската држава, ја помножи со нула Република Македонија. Злоупотребувајќи ја својата позиција, таа сите нас не прогласи за нелегитимни субјекти.
Оттаму, бидејќи пред два месеца таа самата изрази желба да соработува со македонската правна наука за да ни објасни што ново чула и видела како научно сознание, сега е ред на професорите по уставно право во земјата да ја повикаат Јанева на повторно совладување на градивото од испитот уставно право и политички систем, со посебен акцент на делот за легитимитетот, легалитетот и институциите на системот. Очигледно е дека госпоѓава има сериозно голема дупка во знаењето што и штети на државата. Секако правничкото незнаење не ја амнестира од другите видови одговорности што треба да следат.
Проф. Др. Тања КАРАКАМИШЕВА ЈОВАНОВСКА
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа