Груевски во посета на радовишко – Реализирани проекти иницирани од граѓаните
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски во тек на денешната посета на радовишко изврши увид во градежните активности за изградба на локален пат од село Подареш до село Калуѓерица. Патот во должина од 4 километри се гради на барање на жителите и со него ќе се овозможи поврзување со регионалниот пат Струмица-Радовиш. Инвестицијата изнесува 500 илјади евра.
Со неа, како што рекоа на средбата со Груевски жителите, се олеснува пристапот до регионалниот пат за вршење на нивните секојдневни активности. Жителите на Подареш побараа во селото да се изгради и повеќенаменско игралиште, како и спортска сала, објект што сметаат дека е многу важен за околу 400 ученици во ова село.
Пари за повеќенаменско игралиште во Подареш, според градоначалникот на Радовиш Сашо Николов, се планирани. Се очекува наскоро да се надминат имотно-правните проблеми и до крајот на годината да почне изградбата.
При посета на комплетно новиот изграден мост на река Стара на делницата од село Злеово-село Покрајчево на барање на жителите беше најавена подготовка на проект за регулација на речното корито. Новиот мост е на локацијата на стариот што беше комплетно урнат при поплава. Изградбата на мостот во должина од осум метри изнесуваше над 30 милиони денари, инвестиција обезбедена преку Јавното претпријатие за државни патишта.
Нерегулираното речно корито, како што истакнаа жителите, било причина за уривањето на стариот мост. Со парите што би се вложиле за регулација на десет километри од речното корито ќе се спречи поплавување на околу 250 хектари земјоделска површина.
Министерот за транспорт Владо Мисајловски рече дека во соработка со Акционерското друштво за водостопанство треба да се изготви проект и зависно од финансиите што ќе бидат обезбедени да се пристапи кон реализација.
На средбата жителите иницираа да се пренамени старата училишна зграда во текстилна конфекција со што ќе се создаде можност за вработување.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа