Пленковиќ: Не само името туку и идентитетот е пречка на патот на Македонија кон ЕУ
Андреј Пленковиќ, хрватскиот пратеник во Европскиот парламент, откако грчкиот премиер Андонис Самарас одби да има директни преговори со македонскиот премиер Никола Груевски, во изјава за дописникот на МИА од Брисел потврдува, кој е единствениот проблем што стои на патот на Република Македонија да ги почне преговорите за членство во ЕУ.
Иако во писмото-одговор на грчкиот премиер се наведува дека “Унијата, а не Грција, ја блокира Македонија“, европратеникот Пленковиќ го разбива ова тврдење на Самарас.
- Го разбирам проблемот што стои на патот на Македонија за отворање на пристапните преговори, бидејќи не станува збор само за името, туку и за прашањето на идентитетот. За жал, со вашиот пример се покажува дека правилото за едногласно одлучување на ниво на Совет на ЕУ не оди во прилог за едноставно решение на проблемот кој го имате со Грција, конкретен е Пленковиќ.
Според хрватскиот европратеник, ситуацијата која трае долги години во однос на Македонија и Унијата, не е корисна за никого.
На прашањето дали очекува ЕУ да успее да ја убеди својата држава-членка Грција да не го блокира отворањето на преговорите со Македонија и дали е во најмала рака фер да се користи правото на вето за да се блокира земја што осум години е кандидат и четири години по ред добива позитивни препораки од Комисијата, Пленковиќ со дециден одговор:
- Мој принципиелен став е дека билатералните прашања што не се поврзани со европското законодавство не треба да се мешаат со пристапниот процес на која било земја-кандидат за членство во ЕУ. Хрватска немаше добри искуства кога некои наши соседни земји-членки на Унијата, некои отворени билатерални прашања што немаа врска со правото на ЕУ, сепак ги ставија во контекст на хрватските преговори за членство. На крајот најдовме решение, но сепак загубивме драгоцено време за економски развој на земјата, вели Пленковиќ.
- Најважно е вие да продолжите со сите реформи и подготовки за преговори за членство, како и исполнување на политичките, економските и секторските критериуми. Во исто време, се надевам и на некакви резултати од билатералните контакти со соседната држава, додава хрватскиот пранетик во Европскиот законодавен дом.
- Со сите партнери внатре во ЕУ, Хрватска ќе развива добри односи и ќе воспоставува квалитетна соработка, вклучително и на теми како исполнување на критериумите за пристапување кон Шенгенскиот простор, а за неколку години и во Еврозоната, потенцира хрватскито европратеник Андреј Пленковиќ.