Промовирани нови 12 наслови од проектот за превод на 1000 стручни книги

 

Нови 12 книги од проектот за „Превод на 1000 стручни, научни книги и учебници“ денеска ги промовираше заменик министерот за образование и наука, Спиро Ристовски. Станува збор за книги од кои се учи на врвните, најдобрите и најреномираните универзитети во САД и Англија, а од областа на правото во Франција и Германија.

Во рамки на денешната 58-та промоција по ред, промовирани беа книги од областа на медицината, стоматологијата и фармацијата, земјоделството и ветерината, педагогијата, финансиите и менаџментот, машинството и електротехниката, биотехничките науки и од областа на ликовната уметност.

– Најчесто на овие промоции, реализацијата и текот на овој капитален проект го претставуваме преку бројки, но всушност неговата вистинска вредност повеќе се изразува во квалитативните придобивки што ги нуди за граѓаните. Првенствено, проектот го олеснува протокот на најнови сознанија, откритија, информации и идеи во најразлични области од природно-математичките до општествените науки, коишто сега им се достапни на граѓаните на нивниот мајчин јазик. Оваа капитална инвестиција е особено значајна за заложбите во насока на создавање современ и конкурентен образовен систем. Затоа и изборот на насловите кои се вклучени во овој проект беше направен со препораки од академската заедница, односно особено внимание се посвети на оние струки за кои кај нас, постоеше дефицит на литература, рече Ристовски.

Тој на промоцијата во читалната „1000 книги“ додаде дека особено радува тоа што интересот за оваа литература кај професорите, студентите но и останатите граѓани, расте од година во година и токму затоа подвлече следната година во уште три општини ќе се отворат ваков тип читални.

– Како Влада и Министерство веќе започнавме со една исклучително значајна активност, на барање на самите студенти и воопшто корисници на оваа литература. Имено, како што неодамна објавивме, ваков тип на читални, со капацитет за 100 до 150 места, кои ќе бидат целосно опремени со инвентар и со по 10 компјутери, како и со целата достапна литература преку овој проект, предвидено е да се отворат во други три општини, каде има прилично поголема концентрација на студенти, на кои, или местото на живеење им е таму, или пак, студираат на некој од отворените факултети и дисперзирани студии. Дадовме збор и тој збор, со поддршка на локалните самоуправи, ќе го одржиме. Во 2017 година, специјализирани читални кои ќе работат секој ден од неделата, добиваат Струмица, Велес и Аеродром, посочи заменик министерот за образование.

Со тоа овој проект на македонската јавност во овој момент и обезбедува вкупно 945 наслови од најдобрата светска стручна литература. Книгите се достапни во 33 градски библиотеки и читални низ земјава, а студентите може да ги најдат и во универзитетските библиотеки.

 
 
20.02.2016 - 14:48

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега