Утре сите на пиво - стартува „Пиво фест“
Подготовките за „Пиво фест“ кој ќе се одржи од утре па се до 21 јуни се при крај.
Од локалната самоуправа јавуваат дека на 4.000 метри квадратни ќе бидат поставени 28 штандови и сите четири фестивалски дена се очекуваат голем број гости од земјава и од странство.
- Од денеска булеварот во центарот на градот е затворен. Се поставува главната бина која е една од најголемите на ваква манифестација во регионот, се поставуваат штандовите. На штандовите ќе се нуди вкусна скара и околу 20 видови пиво. Најавени се и групи посетители од околните земји, најави Ристевски.
За забавата секоја фестивалска вечер ќе се погрижат голем број музички ѕвезди. Првата вечер ќе настапат Зафир Хаџиманов, Маја Оџаклиевска, Драган Мијалковски, Дани Димитровска, Ту Челос. Втората фестивалска вечер е резервирана на Давид Нешкоски Трио, Санта Макарио Оркестар, Владо Георгиев и младата Ина. В сабота на „Пиво фест“ настапуваат Миле Кузмановски, Соња Тарчуловска, Данијела Мартиновиќ и Фалид Бешлиќ, а в недела на завршната вечер меѓу другите музички ѕвезди се Бјанка - Копенхаген Чалгија, Зоран Џорлев и музичката ѕвезда Горан Бреговиќ.
- Секој ден на фестивалот ќе има посебна забава. Дополнително ќе се организираат натпревари во испиено пиво и изедена скара. По полноќ гостите ќе ги забавуваат повеќе ди-џеи, рече Ристески.
Според локалните власти се очекува годинашниов „Пиво фест“ да ги урне досегашните рекорди во испиено пиво и изедена скара.