МОН доделува 15 стипендии за студии на Франклин Универзитетот
Денеска Министерството за образование на Македонија по вторпат објави конкурс за стипендии за студии на Франклин Универзитетот во Охајо.
Министерот за образование Спиро Ристовски информираше дека за првпат во академската 2011/2012 година беа доделени пет стипендии, додека во оваа академска година ќе бидат доделени 15 стипендии од кои 5 се целосни во износ од 5.000 евра, а 10 стипендии во износ од 50% од трошоците за школарина.
-Студиите се организирани и ќе се реализираат од страна на на Франклин универзитетот во Охајо, кој од 2010 година како странска високообразовна установа има одобрение за вршење високообразовна дејност на територијата на Македонија, рече Ристовски.
Студентите кои ќе добијат стипендија и ќе завршат студии на овој Универзитет ќе добијат американска диплома (Master of business administration).
Студентите ќе имаат можност да бидат обучувани од реномирани професори, кои имаат искуство во реалниот сектор, а студиите траат вкупно 22 месеци, се изучуваат 10 предмети, а наставата се одвива онлајн и преку класични предавања.
- На овие студии може да се запишат студенти кои завршиле академски студии по прв циклус од соодветното научно подрачје во траење од три, односно четири години, со постигнат успех од најмалку 8, 50. Секој кандидат треба да достави диплома за завршени академски студии од прв циклус и уверение за постигнат успех, потврда од високообразовната установа дека кандидатот е примен прв пат во прва година на студии од втор циклус во академската 2013/2014 година, од кога започнува семестарот и колку семстри траат студиите, уверение за познавање на јазик (TOEFL, IELTS, DELFT), своерачно потпишана изјава дека не е корисник на стипендија за студиите од втор циклус од други даватели (заверена на нотар) и уверение за државјанство на Република Македонија, информираше министерот.
Министерот за образование апелираше сите студенти кои ги исполнуваат критериумите да аплицираат.
ФОТО: Влада