Со сцени во битолската чаршија заврши снимањето на филмот „Влакна“

Денеска со сцени во битолската чаршија заврши снимањето на филмот Влакна. Краткометражниот филм е работен според сценарио и во режија на Елеонора Венинова, а во продукција на Партес социал адвертајзинг.

Филмот, кој е дел од долгометражно остварување, се снимаше изминатава недела на повеќе локации во Скопје, на Скопска Црна Гора и во Битола, а се очекува да биде промовиран во рамки на овогодишното издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“. Токму на овој фестивал, на неговото 32. издание беше развивано сценариото на „Влакна“.

- За време на снимањето, седум млади луѓе, кои се нашата идна филмска сила добија сериозна обука од своите поискусни колеги. Концептот на продукцијата на овој филм е покрај одличен филмски производ, да понудиме и можност на надежните идни филмски дејци да го надоградат својот талент со директното искуство во продукција на филмот. Тоа го сметаме за незаменлив дел од сопствената надоградба на секој режисер, сценограф, костимограф и било кој филмски рaботник, вели продуцентот Небојша Илијевски.

Режисерката и сценаристка Елеонора Венинова рече дека снимањето се одвиваше по планот и секој ден екипата го завршуваше она што го имаше зацртано.

- Една од причините е што се создаде одлична атмосфера во тимот и членовите на екипата се зближија и функционираа како вистински тим. Младите луѓе кои беа дел од тимот одлично се вклопија во работата, постојано се интересираа за работниот процес и за тоа како подобро да ги завршат нивните задачи, а поискусните членови секогаш беа на располагање за помош, објаснува Венинова.

Главните улоги ги толкуваат македонската актерка Ирена Ристиќ и српскиот актер Бојан Жировиќ, а играат и Слаѓана Вујошевиќ и Марија Арсенкова. Директор на фотографија е Димо Попов, автор на музиката е Дејан Спасовиќ, сценографијата е на Филип Велковски и на Никола Анѓелковски, а изборот на костими го направи Верица Андреевска - Спасовиќ. Асистент на режија е Ивана Стевановска.

Филмот е поддржан од Филмскиот Фонд на Република Македонија, како и од приватни компании и невладиниот сектор. 

ФОТО: Скопјеинфо

најчитано сега