Граѓаните се солидаризираат со голготата на Темелко - огромна поддршка за единствениот македонски градоначалник во Албанија
Расте поддршката за единствениот македонски градоначалник Едмонд Темелко, кој завчера без судска наредба, а по барање на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева беше уапсен за наводни изборни нерегуларност. Сепак, Темелко беше ослободен откако Основниот суд Скопје 1 по сериозната анализа на аргументите одлучи дека не постои никаква основа да се одреди мерки притвор за осумте лица лица, меѓу кои е и Темелко.
Темелко вчера за медиумите изјави дека истражната судијка донела правилна одлука според сите околности. Судот покажал дека не е против Македонците во соседството и конкретно Македонците од Албанија. Порача дека не се туѓинци и секогаш ќе бидат нераскинлив дел од Република Македонија.
-Судот во матичната држава покажа дека не е против Македонците од соседството, конкретно против Македонците од Албанија, бидејќи ги разгледа реално обвиненија и не донесе одлука како што бараше СЈО, мерка притвор, туку донесе одлука да се бранам од слобода. Сето ова не е лошо само заради мене како личност, туку за сите Македонци во Албанија, бидејќи година дена наназад опозицијата во Македонија вината за нивните слаби рејтинзи и слаби резултати од изборите ја префрлаат на 430 жители на општина Пустец што имале македонско државјанство и лични карти, вели Темелко.
Темелко додава дека неговото приведување било без судски налог и без никакви прописи и го потенцираше лошото однесување на новоназначениот началник на битолската полиција.
-Без налог на Судот, без никакви прописи. Лошо однесување на началникот на полицијата од Битола, новиот што е ставен од опозицјата, се со цел да покаже некаква сила или да имам јас некаква реакција. Уште на почетокот им кажав дека ако мислат оти нешто ќе ме исплашат или ќе ме нетераат спортивно од тоа што е реално да кажам, нема да го добијат тоа. После во Основниот суд беше се коректно, истражната судијка донесе правилна одлука според сите околности, вели Темелко.
Темелко во Пустец беше емотивно беше пречекан од жителите на оваа општина, кои му дадоа безрезервна подршка на својот градоначалник и порача дека неговото приведување е едно антимакедонско дело и е насочено против сите Македонци во Република Албанија.
-Градоначалникот Едмонд Темелко исто така и претседател на единствената македонска партија во Албанија (МАЕИ) е еден од најголемите борци за правата на Македонците во Република Албанија. На неговото вчерашно приведување од страна на СЈО, како што видовме се радуваа сите душмани на македонскиот народ и бугарските фашисти и затоа ние го сметаме ова како едно антимакедонско дело. Упатуваме апел до сите институции во Република Македонија гледам дека повеќе од две години се води една хајка против Македонците во Мала Преспа, да ги остават на мира Македонците во Албанија, ние не очекуваме да имаме вакви случаи какво што беше приведувањето на градооначалникот Едмонд Темелко, туку очекуваме помош, да не поддржат во нашите барања за правата на Македонците во Република Албанија, а не да имаме пречки како што беше вчерашното срамно приведување, и на крајот правдата победи, значи градоначалникот Темелко е ослободен, рече Васил Стерјовски.
Жителите на општина Пустец, изреволтирани од последните настани порача дека ќе продолжат да се борат за правата на Македонците и порачуваат до Зоран Заев и СДСМ дека за пари го поништуваат сопствениот народ.
-Денеска сме собрани тука да му дадеме подршка на Македонците од Мала Преспа. Со последните случувања, со приведувањето на господинот Едмонд Темелко од полициските службеници на Република Македонија, значи целиот народ е погоден, но со ослободителната одлука на судот сметаме дека правдата си го најде местото, исто така ги охрабруваме Македонците од Мала Преспа и Албанија дека ние докрај остануваме Македонци и ке се бориме за правата на Македонците во Албанија и во целиот свет, изјави Таки Гроздани.
Ило Сотири од село Пустец вели дека е тука за да му даде подршка на градоначалникот и воедно како што рече, сака да им даде до знаење на Заев и на други од СДСМ дека за пари го поништуваат сопствениот народ.
-Значи ние сме Македонци и не сме против Македонците во Македонија, туку сме против некои што не знаат што прават заради парите го пониуништуваат македонскиот народ, негов народ и го нарекуваат Албанците, а не Македонците. Не треба некој нас да не нарекува Албанци, како што не нарекуваат некои од СДСМ од Ресен, од Битола и други места, рече Сотири.
-СДСМ го уапси единствениот МАКЕДОНСКИ градоначалник во Албанија. Верушевски на слобода, Едмонд Темелко во притвор? Балансирано, така? Темелко бил МАЛТРЕТИРАН пред очите на мали деца. Типично комунистички. Истата личност што бара притвор за Темелко, пред еден месец бараше ослободување на Верушевски, напиша Филип Петровски.
– Единствениот Македонец кој до сега успеа да создаде силна организација на Македонците во соседството е Едмонд Темелко… Единствената општина во светот која не е во Грција, а го користи шеснаесет кракото сонце како официјален симбол е Пустец… Таму живеат не повеќе од 3000 наши Македонци, кои денес станаа жртва на лудите умови во Македонија… Татковците и дедовците на овие кои денес си играат со македонштината, пред 60 години ги затвара границите за Македонците од Грција…Овој човек е ја заслужува целата наша поддршка… Поклон за Темелко! Македонците од Албанија, Грција и Бугарија се нераскинлив дел од Македонија!, напиша Илија Димовски.
-Одредени сили кои сакаат да го препарираат регионот според нивните потреби и на штета на македонскиот народ, се плашат од силината на ВМРО ДПМНЕ и огромната подршка на народот, го започнаа сценариото со СЈО. Така Јанева за да ја намали штетата која ја предизвикува Заев го започна сценариото „Титаник“ со кое се обидува да испрати порака на застрашување на македонскиот народ не само во земјата туку и во околните земји, односно на сите кои им даваат апсолутна подршка на ВМРО ДПМНЕ. Тоа го покажува и приведувањето на градоначалникот на Пустец Едмонд Темелко, напиша Мане Јаковлевски, еден од основачите на ВМРО-ДПМНЕ.
-Македонците во Албанија и во светот се згрозени од приведувањето на Едмонд Темелко и бараат негово итно и безусловно ослободување и извинување за повреда на честа и угледот! СМК потсетува дека Едмонд Темелко ја ужива довербата на Македонците во Албанија за градоначалник на општина Пустец со три мандати и е најзаслужен за унапредувањето на положбата и правата на Македонците на целата територија на Албанија! СМК приведувањето со барање за притвор на Едмонд Темелко го оценува за антимакедонско и антидржавно однесување, со долгорочни последици по положбата и правата на Македонците во Република Албанија!, стои во соопштението од СМК.
Темелко на албанската политичка сцена стана синоним за отпор во истрајноста и борбата за заштита на правата на Македонците во Албанија. Тој е еден од основачите и моментален претседател на македонската организација ”Преспа” во Албанија, организација која има нејтесна соработка со Светскиот Македонски Конгрес, ОМО ”Илинден” Пирин, Виножито и други организации ширум светот што ги застапуваат македонските интереси во дијаспората. Истовремено, Едмонд е првиот градоначалник Македонец во Албанија кандидиран од македонска партија,која ги застапува и се бори за македонските интереси во оваа држава.
Моментално Едмонд извршува трет мандат а зад себе има многу успеси за унапредувањето на правата на македонците и македонските интереси во Албанија. Имено негова заслуга е што за првпат во историјата на Република Албанија, со македонски јазик е обележана целокупната сообраќајна сигнализација, улиците, плоштадите, јавните установи и селата во Мала Преспа, со имиња на настани и личности кои оставиле белег во македонската историја.
Дополнително, Општина Пустец под водство на Едмонд Темелко традиционално почна да го организира Македонскиот Фолклорен Фестивал, да го празнува националниот празник Илинден, како и позначајни празници поврзани со историјата на македонскиот народ, како 24 мај – Денот на сесловенските и семакедонските просветители светите браќа Кирил и Методиј и 8 септември – Денот на независноста на Македонија.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа