Претседателот Иванов го прими чешкиот министер за надворешни работи Заоралек

 

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов денеска го прими министерот за надворешни работи на Чешката Република, Лубомир Заоралек.

На средбата, како што соопшти кабинетот на претседателот Иванов, биле разменети мислења за севкупните билатерални односи меѓу двете земји, при што било изразено задоволство од успешниот и позитивен развоен тренд во соработката, како и од континуираниот политички дијалог на сите нивоа.

Претседателот Иванов и министерот Заоралек размениле мислења за соработката меѓу двете земји во поглед на напорите за интеграција на Република Македонија во ЕУ и во НАТО, како и во однос на актуелната мигрантска и бегалска криза.

Во тој контекст, претседателот Иванов изразил благодарност за континуираната и активна поддршка од страна на Чешката Република за европските и евро-атлантските интеграции на Република Македонија.

Европските интеграции, нагласил македонскиот претседател, се од круцијално значење за Република Македонија, оценувајќи дека на земјата и е есенцијално неопходна трансформирачката моќ на пристапниот процес. Во однос на аспирациите за членство во НАТО, претседателот Иванов побарал поддршка од Чешката Република за прием на Република Македонија на претстојниот самит на алијансата во Варшава.

Во однос на мигрантската криза, претседателот Иванов посочил дека Република Македонија се залага за сеопфатно европско решение, за заеднички критериуми за справување со миграциската криза, намалување на безбедносните ризици и поддржува измена на закони за заштита на границите.

Претседателот Иванов искажал задоволство за можноста Република Македонија на претстојниот Самит на В4 Групата да ги истакне своите ставови и позиции, својата загриженост од можните правци на развој на кризата, кои се надева дека ќе бидат земени во предвид и на претстојниот Европски Совет.

Македонскиот претседател посочил на предлогот за воспоставување на стандардизација на регистрација на мигрантите со јасни заеднички критериуми, кои мигрантите треба да ги исполнуваат за нивно транзитирање низ балканскиот мигрантски коридор, преку употреба на унифицирани системи за регистрација и размена на податоци меѓу европските држави за барателите за азил, лицата кои се спречени на илегални патишта во намера да остварат влез надвор од контролните пунктови за регистрација и користењето на фалсификувани документи за транзитирање и регистрација.

Шефот на македонската држава истакнал дека земјата ја цени помошта од Чешката Република во менаџирањето на миграциската криза и го поздрави ангажирањето на чешки полициски службеници на јужната гранична линија, кои во координација со македонската гранична полиција, се вклучени во регулирањето на протокот на мигранти.

 
 
10.02.2016 - 20:51

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега