Работна средба во Охрид за можностите за развој на спортските активности
Во организација на локалната самоуправа од Охрид и Спортско-рекреативниот центар што функционира во рамки на Јавното претпријатие „Билјанини извори“ денеска во Охрид се одржува работна средба на претставниците на локалната самоуправа, спортските работници од градот со првите луѓе на федерациите на екипните спортови на Република Македонија.
Учесниците на средбата согласни за потребата од утврдување и воспоставување нови релации меѓу сите чинители на сите рамништа, со цел Охрид да стане врвен спортски центар, место каде ќе се одржуваат значајни спортски манифестации и истовремено би бил интересна дестинација за подготовки на спортски клубови во текот на целата календарска година.
Како што истакна градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески, средбата е иницирана со цел унапредување на капацитетите и можностите за развој на спортот во Охрид, поддршка на локалните спортски клубови, подобрување на спортската инфраструктура во градот, сето тоа преку координирана активност на локалната самоуправа со Агенцијата за млади и спорт и националните спортски федерации.
- Наша цел како локална самоуправа и СРЦ да ја дадеме максималната логистичка поддршка за организирање масовни спортски настани и манифестации што би се одржувале во Охрид, за што секако ни е потребна поддршка од федерациите. Тоа подразбира поддршка во делот на корекција на цените на угостителските услуги при организирањето такви спортски настани, а истовремено да се искористат и сите забелешки и совети на националните спортски федерации за враќање на интересот кај младата популација во градот за спортување, рече Бакрачески.
Директорот на Агенцијата за млади и спорт Александар Пујовски изрази задоволство што во друштво на македонскиот спортски еснаф се дискутира за начините за што подобро искористување на потенцијали што ги има Охрид кога е во прашање развојот на спортот.
- Сите овие активности се во корелација со Програмата за развој на спортот во земјата донесена од Владата на почетокот на оваа година, оттаму несомнено ќе ја има поддршката на сите повикани чинители - Агенцијата за млади и спорт и националните спортски федерации, рече Пујовски.
Претседателот на Фудбалската федерација на Македонија Илчо Ѓоргиоски од своја страна истакна дека федерацијата веќе има соработка што насокро ќе се реализира со Општина Охрид, која е опфатена со Проектот за изградба на десет терени со вештачка трева, што ги исполнуваат строгите меѓународни критериуми и високите стандарди.
- На тој начин значително ќе се подобри инфраструктурата, односно можностите за тренинг на фудбалери во Охрид. Охрид со својата клима, идеална надморска височина, има прекрасни предуслови да стане врвен спортски центар за летни подготовки на екипи, но потребно е подобрување на инфраструктурата, како во терени, така и во сместувачките капацитети, рече Георгиев.
Тој изрази уверување дека со заеднички напори може да се дејствува во насока на подобрување на тие услови за Охрид да стане интересен за подготовки, како за домашните така и за странските спортски клубови.
Сличен став имаат и претседателот ракометната федерација Живко Мукаетов и секретарот на Кошаркарската федерација на РМ, Дејан Лечиќ, кои најавија дека ќе вложат максимални напори Охрид да биде вклучен во организацијата на меѓународни спортски манифестации и настани и на тој начин градот да стане дел од системот на функционирање на клучните спортови во земјата.