Груевски: Се реализираат проектите за младите што ги најавив пред месец и половина

 

 Најголемата надеж на секоја земја лежи во младите. Младите се тие кои се носителите на напредокот, на иновативноста, на новите промени, тие се потребата на секоја нација, која ги прави промените, во економијата, во бизнисот, во полето на иновациите, науката, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во денешното обраќање пред членовите на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ.

- За Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ новите работни места беа и ќе останат прв приоритет, но сигурно во врвот на приоритетите се и младите луѓе со голем број проекти за нив. Ние не само што инвестираме во образованието, сакаме да отвориме нови перспективи, нови можности за сите млади, рече Груевски.

Потсети дека во изминатиов месец и половина за младите се најавија и веќе се реализираат четири крупни проекти.

- Минатиот месец, поточно на 17 декември 2015 година го објавив проектот „Купи куќа за млади“ до 35 години. Тој проект веќе почна да се реализира и од пред шест дена заинтересираните лица можат да аплицираат за финансиска поддршка за стекнување куќа. Ова е проект со кој директно им се помага на илјадници млади луѓе до 35 години да си обезбедат куќа под исклучително поволни услови со поддршка на државата. Неповторлива можност со која, без оглед дали се во брак или сами, младите од земјава имаат можност преку два модела да добијат неповратни средства за да си го решат станбеното прашање, рече Груевски.

На почетокот на минатиот месец, додаде, поточно на 7 декември 2015 година, најавив и веќе од 1 јануари оваа година започнаа да се реализираат две други значајни мерки за младите - бесплатен превоз за студентите од државните универзитети за јавниот градски превоз  и средношколска среда.

- Со цел грижа за повисок студентски стандард, обезбеден е бесплатен превоз за сите редовни студенти од државните универзитети во јавниот градски сообраќај, секој ден во неделата, на сите линии. Покрај „слободниот четврток“ наменет за студентите, се отпочна со проектот „средношколска среда“ со кој секоја среда се обезбедија бесплатни билети за театрите, музеите, кината и бесплатен превоз на жичарницата на Водно за средношколците, рече Груевски.

Минатиот месец ветив, потенцира, и оваа година ќе се релизира проектот за бесплатно патување на студентите за Париз, Венеција и Барселона.

- На студентите на трите најдобро рангирани универзитети во Република Македонија според ранг-листата на Шангајскиот универзитет, кои имаат просек повисок од 9,5, кои се пред дипломирање Владата ќе им обезбеди бесплатно патување и ќе го покрие сместувањето, храната, авионскиот превоз и сè друго што влегува во еден таков аранжман, на три дестинации за кои проценивме дека се меѓу најатрактивните за патување на младите, односно Париз, Венеција и Барселона. Ќе има две тури годишно, од кои едната ќе биде во периодот мај – јуни, а втората во септември или најдоцна на почетокот од октомври, прецизира Груевски

 
 
20.01.2016 - 16:50

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега