Груевски: Државата тргна одлучно да стави крај на кризата

 

Нашата држава тргна одлучно да се стави крај на политичката криза и да напредуваме храбро кон иднината. Од денес се јавува нова светлина. Од денес работите се променети, дискусиите за одлуките повеќе не се меѓу политичарите. Од денес, дискусиите за судбината на нашата држава и нација ги водите вие. Од денес зборува народот на оваа држава, рече попладнево премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски по средбата со коалициските партнери кои едногласно ја прифатија одлуката, предвремените парламентарни избори да се одржат на 24 април годинава.

Според Груевски, Македонија мора да оди напред. Државата и граѓаните предолго се заложници на една деструктивна политика која негативно влијаеше и се закануваше на секој план, а влогот беше огромен. 

- Цврстото стоење зад изборите кои беа договорени од страна на сите партии во Пржино, е реафирмација на нашата верба во демократијата. Ова е реафирмација на основното верување дека сета моќ на нашата Влада доаѓа од вас, од граѓаните. Ова е реафирмација дека единствениот начин да напредуваме како држава и нација лидерите да ја стават волјата на народот пред нивните сопствени амбиции и лични интереси, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер. 

За многу години од денес, додаде Груевски, ќе можеме да погледнеме назад и да кажеме дека ова беше денот кога заврши политичката криза.  Тогаш ќе може да погледнеме наназад и да кажеме: на 24 април народот го даде мандатот со кој нашата држава тргна одлучно по патот на нов просперитет, нови работни места, повисоки плати, меѓународен углед и политичка стабилност. 

- Дали граѓаните ќе продолжат да живеат во маглата на политичката криза или сето ова ќе го оставиме зад нас, дали ќе им дадеме можност да го одберат патот напред за нашата нација и држава или ќе им дозволиме на политичарите кои со манипулации имаат за цел и ги парализираат состојбите да продолжат да не спречуваат да одиме напред, дали ќе продолжиме да се движиме храбро и одлучно како нација, работејќи на растот на економијата и нашите интереси на меѓународно ниво или можеби ќе се исплашиме од предизвиците и можностите со кои се соочуваме, рече Груевски.

ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“, додаде, денеска се откажаа од сите забелешки кои ги имаше во однос на методологијата за прочистување на Избирачкиот список, предложена од страна на ДИК. ДИК и Министерството за внатрешни работи, пак, раководени од СДСМ, имаат капацитет да гарантираат фер и демократски избори.

- Партијата и коалицијата денеска целосно ја прифатија предложената методологија за чие спроведување, како што бевме информирани и ние и комесарот Хан, има и капацитети и време, истакна Груевски.

Тој, како што рече, со нетпрение  чека да се види со граѓаните и да ги слушне нивните идеи, но и да им ги каже неговите за тоа како сакаме Македонија да продолжи да се движи напред, кон подобра иднина. 

- Со нетрпение го чекам моментот кога уште еднаш ќе докажеме дека најмудрото нешто кое што можеме да го направиме за нашата држава е да му дадеме на народот да му да дадеме на народот моќ да одлучува. Пред вашите домови, на вашите работни места, во кафетериите и рестораните, насекаде ќе разменувате идеи за тоа каква држава сакаме да имаме и како ќе ја направиме подобро место за живеење за сите нас. Вие одлучувате, за националните приоритети и за националните интереси, за државните  интереси, бидејќи во демократијата тоа е единствено ваш избор, потенцира премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ.

По Груевски прифаќањето на одлуката за одржување избори на 24 април ја потврдија и дел од учесниците на лидерската средба. Според претседателот на Демократската партија на Србите во Македонија Иван Стоиљковиќ, целта на изборите на 24 април е пред се да се сочува смислата на демократијата, да се избегнат можните политичко-безбедносни проблеми и да се отвори нова страница во политичкиот живот која ќе ги ослободи граѓаните од секојдневните стеги и очекувања. Одржувањето на изборите во договорениот термин ќе значи и можност за подобрување на работата на институциите, но и на инвеститорите.

Лидерот на Гром Стевчо Јакимовски во изборите на 24 април гледа отворање на македонските евроатлантски перспективи, додека за лидерот на Демократската партија на Турците Кенан Хасип тоа ќе значи излегување од политилката криза. 

 
 
18.01.2016 - 23:18

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега