Оштетени куќи, автомобили, штали - хаос во тетовско по невремето

На дваесеттина објекти, куќи и штали оштетени им се целосно или делумно покривите од силниот ветер што во текот на вчерашниот ден го зафати планинското село Јеловјане, информираше денеска претседателот на Месната заедница Рамиз Фејзули.

Силниот ветер кој дуваше од понеделникот вечерта предизвикал и прекин во снабдувањето со електрична енергија, но со интервенцијата на екипите на ЕВН се очекува состојбата да се нормализира во текот на денов.

- Има дваесеттина куќи кои се отворени и треба да се покријат, и затоа секоја помош ќе ни биде добредојдена, вели Фејзули.

Меѓу најпогодените се Олга и Мисим Мисими, кои изгубиле седум јагниња и три овци кои биле усмртени откако им паднала ламарината со која била покриена шталата.

- Од невремето ми се уништени 800 бали сено и затоа апелирам доколку е можно тоа да се надомести, рече Мисими и додаде дека бара помош и за покривот на шталата.

И останатите жители на селото кои се погодени од невремето очекуваат дека ќе добијат помош за справување со последиците.

- Чекаме помош од државата затоа што ние сме социјален случај. Шталите се уништени, сеното, зимницата..., а и во куќите прокапува бидејќи се однесени многу ќерамиди, рече Ибраим Мекача.

Штети на објектите од ветерот има и во соседените села Урвич и Ново село два, како и во Горно Палчиште. Од општина Боговиње каде се наоѓаат овие села најавија дека на итна седница на општинскиот Совет ќе донесат одлука за обештетување на сите погодени од невремето. 

 
 
13.01.2016 - 15:03

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега