Собранието ја продолжи расправата за анкетна комисија за фалсификување лични карти

Собранието денеска ја продолжи расправата за составот на Анкетната комисија за скандалот со фабриката за фалсификување лични карти, пасоши, афери и други документи. Од СДСМ како и вчера со став дека нема да учествуваат во работата на, според нив, квазикомисија чија цел е да биде контра Анкетната комисија за скандалот со прислушувањето и да ја заташка нејзината работа.

Пратениците од двете спротивставени партии полемизираа и за причините зошто треба или не да се формира новата анкетна и за причините зошто не работи анкетната за прислушувањето со која претседава Петре Шилегов од СДСМ.

Марјанчо Николов рече дека нема да делегираат претставници во новата комисија, зашто анкетните што досега ги формирало Собранието не ги завршувале своите работи.

- Најеклатантен пример за изигурвање на некоја комисија е Анкетната за настаните од 24 декември 2012, чии заклучоци беа прогласени за палома хартија. Се сомневам дека и оваа ќе заврши без заклучоци и без утврдување политичка одговорност и седниците ќе и бидат само забава на граѓаните. Тоа е пракса со сите досега формирани комисии од Собранието. Оваа комисија ќе биде одвлекување на вниманието на граѓаните од реалните проблеми кои треба да се решат, како што е блокираниот договор од Пржино, рече Николов.

Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ, кој е предложен да биде претседател на новата комисија, го праша Николов зошто не настапил со истиот став и кога ја формирале Анкетната комисија за прислушувањето. - Ако и тогаш се противевте, денес ќе имавте принципиелен став, рече Димовски и го покани Николов наместо него да ја раководи комисијата.

- Ја прифаќам вашата понуда да бидам претседател на таа комисија, но под услов да се прошири делокругот на нејзината работа – покрај фабриката за афери, да го испитува случајот и со личните карти што ги утврди МВР кои им се издавани на лица без документ за живеалиште и кои гласале на избори незаконски, рече Николов.

Димовски одговори дека ВМРО-ДПМНЕ не му верува на министерот за внатрешни работи и бара Собранието како повисок орган да го истражи случајот со личните карти зашто, како што рече, медиумите објавиле дека министерот комуницирал со осомничените во оваа афера и сакал да ги спаси кога биле апсени.

- Несомнено станува збор за еден од најголемите политички скандали во Република Македонија. Ова не е групација која е фатена како краде дрва или струја или друг криминал. Ова е класичен политички криминал и затоа Собранието си има обврска и надлежност да постапува и да дојде до вистината... За другите случаи, ние ви удоволивме да се формира анкетна, но сега, во обратна ситуација, вие бегате. Сами ни помагате за граѓаните да сфатат дека сакате да скриете нешто, рече Димовски. 

Според ВМРО-ДПМНЕ, со противењето да се формира анкетната, СДСМ бега од можноста да се дојде до вистината за 120 илјади украдени идентитети во фабриката за фалсификување лични карти и пасоши и симнувањето на над 70.000 разговори.

За Анкетната за скандалот со прислушувањето со која претседава Петре Шилегов, тој рече дека нема да функционира затоа што не сака да и послужи на ВМРО-ДПМНЕ како алиби дека го спроведува Договорот од Пржино, а всушност го бојкотира. 

Во однос на формирањето Анкетна комисија за скандалот со фабриката за фалсификување лични карти, пасоши, афери и други документи, пратеникот Рафис Алити рече дека според ДУИ целта е да се затскрие вистината.

– Разочарувачки е што во Собранието се формираат вакви комисии, а не ја завршуваат работата докрај и не ја расветлуваат вистината. Пример е работата на анкетната за настаните во Гостивар, но граѓаните не беа за ништо информирани. Повторно нема да се постигне целта. Овие случаи треба да ги расветлат соодветни институции кои се занимаваат со криминогени случаи, рече Алити на претпладневиот дел од 85-тата седница. Расправата ќе продолжи по редовната едночасовна пауза.

 
 
13.01.2016 - 14:45

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега