Ќе има ли избори на 24 април?
Имплементирање на обврските од договорот од Пржино е главна тема на денешните средби помеѓу европратениците Вајлг, Ховит и Кукан со лидерите и претставниците на најголемите политички партии.
Преку писмено соопштение од ВМРО-ДПМНЕ информираа дека пред европратениците било потенцирано дека од нивна страна се исполнети сите превземени обврски. На меѓународните претставници им биле пренесени и очекувањата дека Договорот од Пржино ќе биде целосно реализиран, вклучувајќи го и клучниот услов, изборите на 24 април.
Одржувањето на изборите во предвидениот датум ќе значи и целосно заокружување на Договорот и излез од кризата. Ваквиот исход го очекуваат и потписниците на договорот и меѓународните претставници, а пред се граѓаните на Република Македонија. Секој обид да се изигра овој услов го доведува во прашање целокупниот договор и се што е досега постигнато, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Со сличен став и опозициската СДСМ. Оттаму информираат дека лидерот Заев пред европратениците го потенцирал своите ставови околу моменталната политичка состојба во земјава.
„На средбата се разговараше за спроведување на Договорот од Пржино и потребата од негова суштинска имплементација. Претседателот Зоран Заев рече дека Договорот од Пржино е единствена можност за излез на Македонија од политичката криза и дека само со негово целосно спроведување може да создаде услови за одржување на фер и демократски избори“ се вели во соопштението на партијата.
Средбата со лидерите на ДУИ и ДПА, Али Ахмети и Мендух Тачи се одржаа во канцеларијата на Европската комисија во Скопје. Нивниот став е дека одложување на превземените обврски би значело продлабочување на кризата.
Според европратеникот Иво Вајгл пак, заклучоците од сите средби ќе бидат соопштени на утрешната прес-конференција.
Дводневаната посета европратениците ќе ја искористат и за средби со специјалната јавна обвинителка Катица Јанева и членови на Државната изборна комисија. Нивната прес-конференција е закажана за утре попладне.
Конечниот одговор на прашањето дали ќе има избори на 24 април се очекува по посетата на еврокомесарот Јоханес Хан на Македонија
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа