Кабинет на Иванов: Помилувањата се законски и транспарентни, Комисијата ќе се проширува

 

Помилувањата кои досега ги дал претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов се во законски утврдена постапка на предлог на казнено поправните установи, доставен преку Министерството за правда. Од кабинетот на претседателот најавуваат дека претседателот Иванов донел одлука Комисијата, која сега има девет членови, да добие уште еден член, од цивилниот сектор и здруженијата кои се занимаваат со прашања од областа на заштитата на човековите права. Од кабинетот на шефот на државата го повикаа Хелсиншкиот комитет да достави предлог за член во Комисијата за помилување.

За транспарентноста на објавувањето на помилуваните лица, посочуваат од кабинетот на претседателот говори и фактот што сите тие се објавени во Службен весник, кој е достапен за сите. Оттаму додаваат дека не можат да објавуваат целосни податоци за осудените лица, пред се поради тоа што во материјалите има и податоци кои подлежат на заштита според Законот за лични податоци, како и поради тоа што станува збор за акт и материјали изготвени од Министерството за правда.

Според постапката предлогот за помилување на одредени осуденици го даваат воспитувачите во затворите, а по нив првично одлучува комисија во Казнено поправните установи, која потоа предлогот го доставува до Министерството за правда. Таму се разгледуваат сите барања со материјалите за секој осуденик, како должината на одлежаната казна, здравствената состојба, возраста, семејната состојба, однесувањето во процесот на ресоцијализација, кои воедно се и критериуми по кои се одлучува дали да се даде помилување или не, по што пречистениот предлог, Министерството го доставува до Претседателот на РМ, односно Комисијата за помилување.

За групното новогодишно помилување од КПУ имало предлог за 240 лица, список кој во Министерството за правда бил намален на 196, а Комисијата за помилување дала одобрување претседателот да помилува 174 лица.

Во помилуваните, децидни се од кабинетот, нема лица кои сториле кривични дела за кои не е дозволено помилување, а тоа се кривични дела против изборите и гласањето, против половата слобода и половиот морал особено за дела сторени према деца и малолетни лица, дела против здравјето на луѓето во кои влегува неовластено производство и пуштање во промет наркотици, овозможување употребување наркотични средства, како и за дела против човечноста и меѓународното право.

Помилувањата, посочуваат оттаму, се чисти и во однос на законот и во однос на правдата и моралот. За групните помилувања кои претседателот ги дава за 2 Август и Нова Година, информираат од Кабинетот, се испраќаат соопштенија до медиумите, додека за редовните тоа не се прави, иако и едните и другите одлуки се објавуваат во Службен весник на РМ. За редовно помилување, за разлика од групното, секој осуденик сам комплетира одредена документација и ја доставува до првостепениот суд, од каде повторно се доставува во Министерството за правда, по кое барањата го доставува до претседателот.

 
 
11.01.2016 - 16:11

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега