Кошаркар од Специјалната олимпијада ја доби паричката кај претседателот Иванов

 

Членовите на Специјалната олимпијада на Македонија денеска беа на бадникова трпеза со семејството на претседателот Ѓорге Иванов во нивниот дом во резиденцијата „Македонија“.

Дванаесет олимпијци беа пречекани од претседателот Иванов, неговата сопруга Маја и синот Иван, кои на гостите им посакаа и идни спортски успеси, какви што постигнаа на Летните игри на Специјалната олимпијада во Лос Анџелес во август минатата година. Тие по враќањето од САД имаа средба со претседателот Иванов во Охрид.

– Тогаш ви ветивме дека за Бадник и Божик ќе бидете гости во нашиот дом. Ви посакувам добредојде од целото мое семејство, од сопругот и од синот Иван. Во претходната година навистина не направивте многу горди, освојувајќи ги медалите на Олимпијадата. Веруваме дека така ќе биде и во иднина. Ви посакуваме од се срце многу здравје, многу среќа и многу успеси. Македонија беше горда на вас и така нека биде и понатаму, им рече Маја Иванова на олимпијците на кои, според обичајот, им подели и бадникови лепчиња.

Лепчето со паричка му се падна на кошаркарот Мирослав Георгиевски, кому претседателот Иванов му подари и златник, како што рече,  за спомен на денешниот настан, посакувајќи му успешни резултати во спортот и во иднина.

badnikovo-lebce-pretsedatel

Ана Петровска, национален директор на Специјална олимпијада Македонија, за медиумите изјави дека денешната посета е на покана на претседателот Иванов кој тоа им го ветил летово по нивното враќање со голем успех од Летните олимписки игри во Лос Анџелес, кои се одржаа од 25 јули до 2 август 2015.

Тоа беше најуспешна година на Специјална олимпијада Македонија. Се вративме со 12 медали од 14 атлети. Се надевам дека ова е само почеток за уште една успешна година која им претстои на нашите атлети, рече Петровска.

По повод утрешниот голем христијански празник Божик, денеска наутро  гости во резиденцијата на семејството Иванови беа и членови на иницијативното движење за возобновување на Божиќната литија и деца православни верници.

Носејќи ја Витлеемската пештера и пеејќи ја божикната песна „Вечен е Бог“, децата го најавија Христовото раѓање. Семејството Иванови ги даруваа децата со традиционални коледарски пакетчиња.

 
 
06.01.2016 - 15:09

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега