Дебарскиот градоначалник даде отчет за сработеното

 

Градоначалникот на Дебар Ружди Љата на прес-конференција даде отчет за сработеното во изминатите сто дена од преземањето на функцијата, што опфаќа главно проекти од патната инфраструктура.

- Не сакам да спомнувам бројки колку долгови наследивме, но доколку со наше сестрано залагање не се договоревме со фирмите за нивна отплата, сметката на општината ќе беше долго блокирана. Пополека почнавме да ги плаќаме долговите, но и со реализација на проекти. Поплочивме улици во горниот, стар дел на градот, каде жителите се гушеа во прашина и кал,  а  поставивме нов асфалтен пат, стар и три децении на споредни улици во градот. Поплочен и поставен нов асфалтен слој  на 8 илјади квадратни метри улици. Исто така регулирани се проблеми со водоводната и канализациската мрежа во неколку делови на градот, рече Љата во отчетот.

Тој посебно се заблагодари на граѓаните кои живеат во деловите каде што се изведувале работите, зашто материјал и механизација обезбедувала локалната власт, а работите ги изведувале самите жители.

- Во изминатиот период поставен е нов асфалтен слој на регионалниот пат Дебар-Маврово, на излезот од градот во должина од околу два километра, иста активност е направена и на патниот правец кон преминот „Блато“, а во тек е поставување асфалт на патот кон Струга. Сето ова благодарение на нашето лобирање и разбирањето во ЈП „Македонија пат“ и Агенцијата за државни патишта, рече Љата, кој најави продолжување на вакви проекти во интерес на граѓаните и општината.

Тој ја спомна и изградбата на објект за потребите на средношколците во село Могорче, интенизивирање на градежните работи на гимназиската зграда во Дебар, како и усвојувањето ДУП за неколку делови во градот.

Љата нагласи дека се задржани вработените во администрацијата која е реорганизирана и која сега е ставена во служба на граѓаните кои, како што рече, треба да бидат привилегирани од администрацијата, а не таа од нив.

                                                             
Дебарскиот градоначалник им се заблагодари на сите граѓани за поддршката на изборниот ден, достоинственото однесување што придонело Дебар да има најмирни и најдемократски избори. Повтори и дека е градоначалник на сите, без оглед на етничка, верска или партиска припадност.

ФОТО: Макденес

најчитано сега