Дозволата на ММИ одземена зашто потрошила повеќе од законскиот лимит

 

 

Министерството за култура информира дека дозволата за колективно управување со правата на уметниците, музичките изведувачи и произведувачи на фонограми на Македонската музичка индустрија - ММИ и е одземена затоа што во 2014 година има потрошено 81,5 проценти од прибраните парични средства за работењето на организацијата (плати за вработени, хонорари, закупнина и слично), повеќе од законски дозволениот лимит кој изнесува 15 проценти за оваа намена.

- Негативното финансиско работење на Македонската музичка индустрија - ММИ беше констатирано и од страна на Владата на Република Македонија која даде негативно мислење за финансискиот извештај за работењето на оваа организација за 2014 година. Појаснуваме дека ММИ, согласно со Законот за авторските и сродните права, за работењето на организацијата може да потроши само 15 проценти од сите прибрани средства за своето тековно работење, додека остатокот од средствата во висина од 85 проценти треба да го распредели на носителите на правата. Исто така, ММИ не ја испочитува законската обврска за инсталирање софтвер за електронско евидентирање на емитуваните дела во радио-телевизиските организации, информира Министерството за култура.

Во соопштението Министерството наведува дека како и досега, и во иднина приоритет ќе му биде заштитата на авторските права и правилната распределба на средствата со кои соодветно ќе се вреднува творечката работа на носителите на правата (авторите, изведувачите, произведувачи на фонограми...) и дека нема да дозволи противзаконско работење на сметка на носителите на правата. 

Решението со кое на Македонска музичка индустрија е одземена лиценцата од Министерството за култура стапи во сила на 1 јануари 2016 година

 
 
05.01.2016 - 11:33

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега