ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ ја манипулира јавноста
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ во реакција на прес-конференцијата на потпретседателот на СДСМ и дополнителен заменик министер во МИОА Александар Кирацовски наведува дека СДСМ во очај повторно лаже и ја манипулира јавноста.
- ВМРО-ДПМНЕ не е на никаков начин поврзана со неуспехот на СДСМ да регистрира една најобична веб-страница, се вели во реакцијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ истакнуваат дека „кој било домен да го закупи СДСМ нема да го смени фактот дека времето немилосрдно тече и остануваат само 110 дена за СДСМ барем да се обиде да го поправи рејтингот од 14,7 проценти кој заслужено го има, во споредба со исто така заслужениот рејтинг од 33,3 проценти за ВМРО-ДПМНЕ“.
- Судејќи според приоритетите на СДСМ, црно им се пишува во април. Наместо да покажат резултат во презентирање идеи и програма, тие покажуваат нула на ова поле. Наместо тоа, се бават со регистрација на веб-домени, но и тука не се успешни, и тука бележат нула. Па бараат оставка од претседателот на Владата бидејќи не знаат да регистрираат веб-адреса. Трагикомедија, се вели во реакцијата.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа