Македонци и Албанци станале милионери криумчарејќи добиток
Двајца командири на гранична полиција и неколку полициски службеници паднаа во големата полициска акција во западна Македонија која се спроведува во моментов.
Како што информира денеска портпаролот на МВР, Иво Котевски, лицата се приведени на подрачјето на Дебар, Струга и Кичево, а се работи за подолгорочна истрага за криминал кој бил вршен од 2011 година наваму.
- Досега МВР има документирано околу 2.000 грла кои што биле незакноски изнесени од Македонија и внесени во Албанија. Се претпоставува дека лицата оствариле противправна имотна корист од неколку милиони евра, изјави Котевски, додавајќи оти се трага и по други лица за кои постои докази дека биле членови на оваа група.
Тој појасни дека станува збор за поголема група лица, составена и од македонски и од албански државјани.
Извршени се претреси во повеќе домови, при што се пронајдени пари, оружје и муниција.
Повеќе информации од МВР за акцијата најавија за утре на прес – конференција.