Бакрачески го опоравува Охрид - еве што го дочекало пред 100 дена
Изминуваат сто дена од моето преземање на функцијата Градоначалник на Oпштина Охрид. Во принцип, сто дена се доволен период да се направи една рамка на активностите на локалната самоуправа, која понатаму треба да се надоградува и разработува.
Општина Охрид и јас како прв човек на локалната самоуправа, во овој период бевме исправени пред сериозен предизвик за отпочнување на еден нов начин на управување и раководење на Охрид, со проекти, кои во Програмата им беа претставени на граѓаните, а тие во големо мнозинство ме легитимираа мене и мојот тим да го спроведеме ветеното.
На самиот почеток се соочивме со сериозни финансиски обврски на општината кои достигаат 32 милиони евра долгови кон голем број физички и правни лица, прекубројна, неорганизирана и неефикасна администрација која брои дури 265 вработени, 428 судски спорови против општината за неподмирени обврски и блокирана жиро сметка за цели 14 милиони евра, состојба, која е далеку понеповолна од нашите претпоставки.
Состојбата со општинските јавни претпријатија исто така не е ништо комплексна. Преголемите долгови кои неможат да ги сервисираат, блокирани сметки и огромна превработеност во администрацијата, ги намалуваа перформансите на овие субјекти, загрозувајќи го нивното функционирање. Со спроведување на сосем нов концепт за управување, каде што Јавните претпријатија имаат зголемена одговорност во својата работа, воведовме нов менаџмент во управувањето и прифаќање на нови форми на дејности кои може да ги извршуваат. Со тоа општинските Јавни претпријатија почнаа редовно да ги подмируваат обврските кон вработените за плати, да ги подмируваат обврските кон добавувачите и да ја вратат довербата кон граѓаните и кон економските партнери.
Во една таква ситуација, неопходно беше изнајдување на нови решенија, односно мерки и активности кои ќе придонесат за санирање на состојбата, сервисирање на тековните обврски и отпочнување на нов инвестициски процес кој ќе донесе подобрување на перфомансите на општината и поквалитен живот за сите наши граѓани.
Многу сериозно пријдовме кон решавање на проблемот со енормно големиот долг што го има општината, со активен однос со сите доверители, преку договарање на начините на сервисирање на обврските, за што побрзо да биде одблокирана општинската сметка за непречено и ефикасно извршување на работите, а и доверителите да можат да ги наплатат своите побарувања.
Формиравме Локален Економски Совет или Совет на Градски Татковци во кој партиципираат докажани имиња во своите проефесии, по потекло од Охрид, кои се состануваа пленарно најмалку еднаш месечно и ги разгледуват конкретните предлози и проекти поврзани со еконономскиот развој на општина Охрид.
(Интегрален текст прес конференција за медиуми на Никола Бакрачески, градоначалник на општина Охрид)