16 милиони тинејџерки се породуваат секоја година - во Регионот “врие“ млади мајки

 

 

Потребно е да инвестираме во образованието, здравјето и човековите права на адолесцентките за да можат да го остварат својот потенцијал, се  наведува во пораката на Фондот за население на Обединетите нации (УНФПА)  по повод „Светскиот ден на населението“ - 11 Јули, посветен  на  адолесцентната бременост и последиците од неа. 

Статистиките покажуваат дека од 1.000 новородени деца во Македонија на 20 од нив мајките им се на возраст помеѓу 15  и 19 години. Стапката на адолесцентна бременост во регионот се уште е над просекот на земјите од ЕУ каде изнесува 15,2 проценти.

Во светот околу 16 милиони девојчиња раѓаат секоја година, а дури во 9 од 10 случаи овие девојчиња се веќе во брак. Во ниско развиените, но и во средно развиените земји во светот, компликациите предизвикани од бременоста и породувањето се главна причина за смртност помеѓу адолесцентните девојчиња на возраст од 15 до 19 години. Истовремено, смртноста кај новороденчињата е за 50 проценти поголема кај бебиња чии мајки се помлади од 20 години, наспроти бебиња чии мајки се на возраст помеѓу 20 и 29 години.

Според УНФПА, милиони девојчиња низ целиот свет немаат можност за образование и да го искористат својот потенцијал за живот, бидејќи влегуваат во детски бракови, се соочуваат со бременоста и породувањето во период кога не се физички, емоционално и социјално созреани да бидат мајки.

УНФПА истакнува дека најголемиот дел од 16 милиони тинејџерки кои се породуваат секоја година низ светот, немале можност да ја планираат својата бременост.Компликациите предизвикани од бременоста и породувањето можат да предизвикаат тешки пречки во развојот, како што е породилна фистула, и претставуваат основна причина за смртност кај овие ранливи млади жени. Адолесцентките, исто така, се изложени на висок ризик од разни заболувања и повреди.

За да се решат тие проблеми, укажува УНФПА,  мора да се задржат девојчињата во училиште и да им се овозможи да добијат добро образование во периодот на нивната адолесценција.

- Кога една млада девојка е образована, многу е поголема веројатноста дека таа ќе се омажи подоцна, одложувајќи ја на овој начин и бременоста се додека таа не се почуствува подготвена да има здрави деца и да остварува поголем приход.Истовремено мораме да обезбедиме сеопфатно сексуално образование соодветно на возраста на младите лица. Ова е особено важно со цел да се зајакнат младите жени и сами да одлучат кога сакаат да станат мајки. Покрај тоа, ние мораме да  обезбедиме и сеопфатни услуги за сексуалното и репродуктивното здравје со кои ќе се овозможи семејно планирање како и превенција и третман на сексуално преносливи инфекции, вклучувајќи и ХИВ.Мораме да ги обезбедиме потребните услуги за мајчино здравје кои им се потребни на сите жени, наведува во пораката УНФПА. 

најчитано сега