Тркалезна маса: Земјите од регионот мора да се справат со наметнатата бегалска криза

Земјите од регионот не можат да влијаат, но мора да се справуваат со наметната бегалска криза, мора тесно да соработуваат за побрзи и поефикасни решенија и заеднички да изградат стратегија како прв чекор во односите со ЕУ. Последиците за земјите од Западен Балкан можат да бидат големи, како од здравствена гледна точка, така и од аспект на реална можност и за инфилтрирање ќелии на ИД, тероризам и организиран криминал.

Ова се дел од заклучоците по дискусиите на експерти од земјава и од соседните држави на тема „Бегалска криза: безбедносни предизвици за Македонија и регионот“ на денешната регинална тркалезна маса во организација на Фондацијата Конрад Адeнaуер и Факултетот за безбедност-Скопје.

Експертите ги поставија прашањата за тоа дали се работи за бегалска или мигрантска криза, каква е структурата на бегалците, кои се ризиците со кои може да се соочат земјите, но и за безбедносните политики во однос на феноменот на бегалско-мигрантската  криза.

Јоханес Раи, директор на Фондацијата Конрад Адeнауер за Македонија и за Косово, во обраќањето посочи дека бегалско -мигрантската криза е проблем не само за земјите-транзит, туку и за Германија.

-  Независно дали се работи за транзитна држава или држава која мора или сака перманентно да ги преземе мигрантите, ги имаме истите проблеми, рече Јоханес Раи.

Деканот на Факултетот за безбедност-Скопје Оливер Бачановиќ смета дека за македонските надлежни институции е сериозен безбедносен предизвик напливот на бегалци од кризните региони од Блискиот исток и Африка. Од аспект на безбедносната состојба, истакна, феноменот со бегалците покажа дека внатрешните предизвици можат да бидат ставени во втор палн, а сите капацитети на државата да бидат на располагање за надминување на овој глобален проблем.

- Оваа бегалска криза не е тема со која се засегнати само политичарите, туку овој феномен побуди многу интерес и кај академската заедница. Треба да се овозможи дискусија помеѓу експертите и релевантните чинители за справување со овој проблем на хуман, но истовремено и ефикасен начин, со цел зачувување на безбедноста не само на нашата земја, но и во регионот и пошироко, рече Бачановиќ.

Според Лидија Велковска од МВР, во текот на 2015 година низ Република Македонија транзитирале повеќе од 424 илјади мигранти, а нивниот број се зголемува континуирано. Таа информира дека се регистрирани македонски и странски државјани кои се бореле во кризните подрачја во Авганистан и во Сирија, а постои опасност бегалската криза да се искористи тие да се вратат дома и да дејствуваат за интересите на ИД. Велковска истакна дека регистрацијата на бегалците е важен момент за да се избегне на некој начин загрозувањето на националната и регионалната безбедност, а за поголема заштита, како што рече, потребно е и фотографирање на сите кои транзитираат низ државава. 

Професорот од Факултетот за безбедност Томе Батковски, осврнувајќи се на ситуацијата во Сирија и односите по ова прашање меѓу САД и Русија, оцени дека Република Македонија од поширок безбедносен аспект мора тековно да врши проценка на безбедносната состојба, земајќи ги предвид сите можни хипотези, а да се тргнува секогаш, подвлече, од најтешката можна варијанта. Тој смета дека во актуелните случувања улогата на ЕУ е пасивна, а уште попасивна е на ООН која и постои за обезбедување на мирот и безбедноста во светот. Во таа насока, посочи дека сите преземени дејствија се без одлука на Советот за безбеднсот на ОН. Според Батковски, ЕУ во оваа криза не е „никаков фактор“, но мора што поскоро на стратегиски план да најде пристап за тоа како ќе се справуваат со кризата.

- Ние сме мали и неразвиени земји, а ова е последица на судири на големи интереси и сили, а ние сме некој вид колатерална штета. Најлошо би било земјите од Западен Балкан да бидат некој вид тампон зона-карантин. Тоа не би било решение. Секогаш политичарите во кризни ситуации резонираат на начин што можат од тоа да профитираат, а тоа не е добро. Потребно е европско решение, не е решение Фронтекс да биде меѓу Србија и Хрватска. Тоа и не е во согласност со човековите права и не е во согласност со вредностите на кои ЕУ тврди дека почива, изјави нагласи Желимир Кешетовиќ, професор на Факултетот за безбедност во Белград.

Според него, првенствено земјите од регионот, меѓу нив и Македонија и Србија треба да ја зајакнат билатералната соработка и да донесат платформа за заеднички интерес односно некој минимум под кој не треба да одат во преговорите со ЕУ. 

Сандро Кнезовиќ од Институт за развој и меѓународни односи во Загреб, кој во обраќањето говореше за праксата на ЕУ, но и земјите членки од ЕУ и за последиците за малите земји од регионот, истакна дека ситуацијата е тешка и за Хрватска затоа што е земја членка на ЕУ, но не и на шенгенскиот простор.

 
 
28.10.2015 - 14:21

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега