Прифатните транзитни центри во Македонија се со капацитет за 2.000 лица

Македонија има капацитет привремено да згрижи 2.000 бегалци. Имаме капацитет за 1.500 лица на влезот во државата во Гевгелија на јужната граница и за 500 лица на излезот на државата на северната граница. Тоа се привремени транзитни центри во Гевгелија и на Табановце, каде на бегалците ќе им се понуди вода, храна, здравствени услуги, се додека не продолжат со својот пат, беше истакнато на денешниот брифинг во Кабинетот на претседателот на Република Македонија.

Оттаму посочија дека станува збор за прифатни транзитни центри со капацитет за 2.000 лица, а не за бегалски или мигрантски кампови.

Транзитирањето на бегалците низ Македонија се прави легално, во рок од 72 часа. Беше посочено дека Македонија е кратка дестинација од 160 километри и оти не е логично кај нас да се задржуваат подолго време, бидејќи крајна дестинација им се Германија, Шведска, Норвешка, Холандија ...

Статистиката покажува дека Македонија во однос на минатите години се соочува со огромен пораст на бројката на мигрантите кои транзитираат низ неа, како за пример во 2008-та година оваа бројка изнесувала 1,448 лица, додека пак оваа година досега изнесува 424.656 лица.

На брифингот беше речено дека најголем дел од лицата кои транзитираат низ Македонија се со средно образование, односно 42,4 отсто, 30,3 отсто со високо оразование и 25,2 отсто со основно обрзование.

Беше истакнато дека Грција одбила поставување на европската гранична служба Фронтекс на границата меѓу Грција и Македонија, поради „ нивното јавно мислење“.

Од Кабинетот на претседателот велат дека Македонија нема пристап до многу информации бидејќи нема ниту пристап до базата со податоци на Фронтекс, ниту до оние на Шенген-зоната.

Од грчка страна во Брисел било ветено дека ќе се заложат службите да разменуваат податоци и грчките официјални органи да соопштуваат кога бегалците ќе влезат во нивната земја.

Во врска со финансиската помош од европските институции,  беше истакнато дека само 90 илјади евра досега се стигнати за Меѓународниот црвен крст и оти сите трошоци за мигрантите досега се од буџетските средства.  Помошта која многу пати и е ветена на Македонија доцни поради нивни административни процедури.

Од Кабинетот посочија дека трошоците кои ги има војската и полицијата месечно изнесуваат еден милион евра, а тука не се пресметани трошоците за дневници, амортизација на возилата и за опремата.

На брифингот беше посочено дека државниот секретар од МВР Анастастија Илиевска е избрана да биде контакт офицер од македонска страна со кабинетот на Јункер во врска со бегалската криза.

Од Кабиентот на македонскиот претседател велат дека иако реакцијата на ЕК делува задоцнето, сепак и ова претставува успех поради тоа што сега Македонија се наоѓа на самата маса на која се дискутира за мерките што ЕУ треба да ги примени за да се справи со бегалската кризата.

 
 
27.10.2015 - 18:18

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега