Докторите му одговорија на Ношпал: Здравствениот систем функционира, неодговорни поединци секогаш имало

По неколкуте трагедии кои се случија во болниците, доктор Тодор Ношпал го нападна целиот здравствен систем, но неговите колеги застанаа во одбрана на својата професија, пишива НетПрес.

Докторите се спротивставуваат на нападите кон здравствените реформи во Македонија образложувајќи што е направено, но и потенцирајќи дека се згрозени што Ношпал искористил трагедија за да се нафрли на здравствените реформи.

- Последните случувања во нашето здравство и за жал последните изгубени човечки животи, всушност се последица од лошите реформи и организираност на нашиот здравствен систем и на виделина ги извадија сите слабости и пропусти на партиски контролираните јавни здравствени установи. Нашиот здравствен систем е заболен од тешка, акутна болест со тенденција да премине во хронична, ако не се реагира на време, напиша Ношпал на својот Фејсбук профил.

Доктор Горан Мицевски од Универзитетската клиника за ОРЛ во Скопје, во свој коментар направи споредба меѓу реформите сега и здравствените реформи во минатото. Притоа посочи дека одговорност треба да сносат само одговорните лица во овие случаи.

-Не го разбирам гневот. Се нафрлате на реформите во здравството користејќи туѓа трагедија која сите не згрози и сите ја осудуваме. Одговорност мора да има. Но, кога јас би се развел од сопругата, незамисливо е да барам одговорност од министерот за правда. Сведоци сме на многу поранешни реформи во поблиското и подалечното минато. Компарирајте ми ги позитивните и негативните промени. На Медицинскиот факултет можеа во подалечното минато да се запишат едвај 60 студенти, високо еднопартиски селектирани. Реформи ли беа специјализациите кои беа доделувани со потпис од СКМ. За мене реформи се воведување на ДРГ, носење на закон за правата на пациентот, но и закон за правата и обврските на лекарот, плаќањето по учинок. Реформи се набавката на современата опрема во државава. Сетете се колку КТ апарати имаше во поблиското минато. Колку нови болници се изградија во подалечното и во поблиското минато, вклучувајќи ги и приватните. Колку амбулантни возила се набавени во поблиското минато и со каква опрема се ? И во кое минато се покачил личниот доход, етс, етс?, напиша доктор Мицевски.

Доктор Дарко Стефаноски од Државната Кардиохирургија  вели дека обвинувањата на Ношпал не се точни.

-После 50 години за прв пат е отворена Универзитетска клиника за Кардиохирургија. Истата е State of art опремена и функционира по сите модерни европски принципи и не само што таа заживеа, туку заживеа и проектот за неонатална кардиохирургија. И не само тоа, туку многу наши кадри се пратени и постојано се испраќаат на специјализација и субспецијализација и едукации во реномирани центри. А тоа што го споменувате за неодговорни поединци се случувало секогаш. Тоа се само неодговорни поединци, а не систем кој не функционира, реагираше доктор Стефаноски.

Во одбрана на професијата, наспроти критиките, застана докторката анестезиолог Билјата Ефтимова.

-Се прашувам дали е тоа наш менталитет или што друго би било да секогаш кога ќе се случи нешто непријатно сите се спремни за критики и се повикува на линч. Во нашето здравство се случија и убави работи во последниве години во кои докторите заедно со другите медицински работници се главни учесници, а за тоа никој не се потруди да даде пофален збор. Во Штип на пример, почна со работа Интервентната кардиохирургија која е за пофалба и го опслужува целиот источен регион, се изведуваат сложени лапароскопски хирушки интервенции, се работи тромболиза кај мозочните удари, се изведуваат неврохируршки интервенции, но тоа за нашиот народ е најнормално и нема потреба од фалење. А за критики сите се тука. Сметам дека сите заедно треба од ова да извлечеме поука и да се трудиме што помалку вакви трагедии да се случуваат, напиша таа.

Покрај ова, поддршка за здравствениот систем даде и еминентниот професор академик Горазд Росоклија, светски признаен научник во областа на истражувањето на невропатологијата и невроимунологијата, кој од 1992 година е професор на Медицинскиот факултет при Универзитетот Колумбија, Њујорк, САД.

-Министерот е виновен за алкохолизмот, за корумпираноста, за незнаењето? Кога тој Медицински факултет бил на ниво на еден Белград кој и не е на некое завидно ниво? Европска медицина? Светска медицина? Морал и етика на знаење? Овие како и многу други доктори ги вработувала некоја власт, а ги задржала на работното место секоја наредна власт. Ако се виновни, секој од нас во таа професија е виновен што не биле отстранети, напиша Росоклија. 

Тој додава дека економската основа на една земја не ја создаваат докторите, а условите за работа ги диктира пред се економијата. Моралот и етиката на знаење не треба да зависат од било која власт и од било кој министер.

-Причина за алкохолизмот е карактерот на личноста не нечии однос кон таа личност. Не бранам власт и не бранам министер. Секоја власт е диктатура врз поединецот, онолку колку што тој поединец ќе и дозволи. Мојот морал и етика кон знаењето верувам се исти од моментот кога станав лекар, исти кога работам во Македонија, Франција, Америка. Ако не се, тогаш не сум тоа за што моите родители инвестирале во мене (емоции, време, воспитување, едукација). Министрите и власта се менуваат, нашите вредности ги имаме и ги вградуваме во себе заради личното и прифесионалното достоинство но и заради тоа што имаме обврска да знаеме. Грешките во приватното здравство во Македонија, не се помали од грешките во државното. Само подобро се прикриваат. Не е до парите, до нас е, вели Росоклија. 

 

 
 
27.10.2015 - 17:29

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега