226 килограми марихуана изгореа во печката на „Југохром“

 

Денеска, во печките на комбинатот „Југохром Фероалоис“ од Јегуновце, беше уништено поголемо количество запленето оружје и дрога кои потекнуваат од извршени кривични дела за кои веќе е донесена правосилна судска пресуда

На оваа акција одржана по повод Светскиот ден за борба против малото и лесно оружје присуствуваа министрите за вантрешни работи и за правда, Гордана Јанкулоска и Блерим Беџети, како и претставници од повеќе надлежни државни институции.

Јанкулоска потенцира дека ова веќе е традиционално уништување на запаленети предмети од кривични дела.

- Станува збор за оружје и наркотични дроги при што 345 парчиња оружје во најголем дел автоматски пушки и пиштоли, гасни пиштоли и друго малокалибарско оружје како ловечки пушки, ловни карабини и воздушни пушки и слично. Кај дрогата се уништуваат 226 килограми марихуана, нешто над 60 килограми хероин, околу 15.000 таблети екстази и помала количина кокаин, изјави министерката Јанкулоска.

Таа истакна дека со оваа акција уште еднаш на јавен транспарентен начин се уништија оружјето и дрогата од кривични дела за кои е завршена судската постапка со правосилна судска пресуда.

- Со решение за формирање на комисијата од Министерството за правда што ја следеше целата постапка и во соработка со Агенцијата за кофискуван имот и МВР на јавен и транспарентен начин постапивме и се ослободивме од оружјето и дрогата од за кои веќе имаме правосилни пресуди. На секое следно барање на Агенцијата за конфискуван имот ние ќе формираме соодветна комисија за уништување на наркотички средства, оружје и други материјали, изјави Беџети.

ФОТО: МИА

најчитано сега