Тајна средба Црвенковски - Заев

 

Непосредно пред заминувањето на Претседателот на СДСМ, Зоран Заев во Израел, тoј имал итна средба со Бранко Црвенковски, која според партиски извори се држи во тајност, како и сите претходни контакти и средби кои овие двајца ги имаат во изминатиот период. 

Според нашите информации Заев побарал од долгодишниот лидер на СДСМ, Црвенковски, совети за посетата на Израел, земајќи предвид дека струмичкиот градоначалник и нема претходно дипломатско искуство за вакви средби. Она што е интересно, при посетата на Израел, Заев не зема со себе никој од блиските партиски соработници, кои вообичаено присуствуваат на неговите средби со странските амбасадори. Во неговата партиска свита, Заев поканил двајца свои доверливи луѓе, од кои едниот е поранешен советник во премиерскиот кабинет на Владо Бучковски, инаку сега консултант во енергетскиот сектор и дел од тимот кој ја спровел гасификацијата во Струмица.

На оваа средба Заев побарал од Црвенковски и конкретна кадровска помош, особено за позициите кои СДСМ би ги добил во техничката Влада. Освен разменувањето на мислење за потенцијалните кандидати за министерството за внатрешни работи, Заев побарал амин од Црвенковски за одредени поранешни партиски функционери кои во јавноста важат за „бранковисти“, за да актуелното раководство на СДСМ би ги предложило за функциите во Владата.  Наводно во барабанот на Заев се вртеле неколку личности, за министерството за внатрешни работи Лазе Велковски, кој сега е вработен во Агенцијата за разузнување и важи за исклучително близок до Зоран Јованов, познат како Зоки „Миравац“, долгогодишна верна сенка на Црвенковски, за ДИК и заменици министри се размислувало за Гордан Георгиев, Ана Павловска Данева и Јани Макрадули, кои беа дел од поранешното високо партиско раководство на СДСМ.

Наместо за кадровски комбинаторики, Црвенковски му сугерирал на Заев да биде внимателен во понатамошните чекори за спроведување на обврските од договорот од „Пржино“. Според високи партиски извори, поранешниот лидер на СДСМ сметал дека одложувањето на изборите закажани за 24 април 2016, ќе оди во прилог на опозицијата, особено ако за евентуалното одложување на предвремените избори се обвинат премиерот Груевски и неговите блиски соработници за страв од постапките на Специјалното обвинителство.

Дека влијанието на Црвенковски е сеуште пресудно во политиките и стратегијата на Заев и СДСМ, потврдува еден друг факт. Имено, во своето писмено обраќање, од 20 април оваа година, пред повеќе од шест месеци месеци, Црвенковски јавно порача дека СДСМ треба да учествува и да оди на избори само ако уште пред нивното одржување, однапред се знае дека опозицијата ќе победи.

„Оваа историска македонска драма ќе мора да заврши на избори, но во психолошки смисол, победникот на тие избори треба да биде познат уште пред нивното распишување. И тоа никако не смее да биде Груевски!“, тогаш напиша Црвенковски.

Очигледно е дека Заев ги следи инструкциите на својот шеф Црвенковски и сега на секаков можен начин, свесно ставајќи на маса, ултимативни барања, закани и блокади за исполнување на обврските од политичкиот договор од Пржино, тој се обидува по секоја цена да издејствува одложување на изборите, бидејќи сите анкети покажуваат дека таканаречените бомби не го остваруваат посакуваниот ефект за опозицијата и на 24 април СДСМ го очекува уште еден голем пораз.

 

 

Оцени ја веста

21.10.2015 - 13:04

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега