Вељаноски: Долгогодишниот кандидатски статус не ја обесхрабрува Македонија
Претседателот на Собранието на Република Македонија, Трајко Вељаноски денеска се сретна со Делегација на Комисијата за европски прашања од Парламентот на Холадија
Претседателот Вељаноски изразил задоволство од посетата на Делегацијата на Комисијата за европски прашања на Парламентот на Холандија и воедно се заблагодарил за поддршката која Република Македонија во континуитет ја добива од пријател како што е Холандија во однос на евро-атлантското интегрирање.
-Претседателот Вељаноски ги запозна соговорниците со актуелните политички случувања во Република Македонија, како и со огромната посветеност на Република Македонија на патот на членство во Европската унија и НАТО, големата заинтересираност на граѓаните за интегрирањето на државата и многуте реформи што Република Македонија ги има направено и спроведено во последните неколку години. Тој потенцираше дека и покрај долгогодишниот кандидатски статус и недобивање на датум за отпочнување на преговорите за членство во ЕУ и покрај недобивањето на членство во НАТО, Република Македонија без обесхрабрување ќе продолжи да ги спроведува потребните реформи и обврски, пред се заради своите граѓани, а потоа и за да со добивање членство биде конкурентна и политички и економски, информираат од македонското Собрание.
Членовите на Делегацијата од Парламентот на Холандија потенцирале дека ретко патуваат во други држави, но дека интересот за посетата на Република Македонија бил голем и изразија уверување дека не направиле грешка во проценката која држава да ја изберат за посета.
Претседателот Вељаноски и пратениците од холандскиот парламент размениле мислење и за значењето на владеење на правото, за слободата на изразување, за медиумите. Претседателот Вељаноски ги запознал гостите и со случувањата од крајот на минатата година, со одржаните локални избори и исходот од нив, како и со нормализирање на политичката состојба и очекувањето на препораки и референци од формираната комисија, кои ќе придонесат да не се повторуваат настаните од минатото.