Државниот инспекторат ќе ги лови нелегалните риболовци на Охридското Езеро

При последната контрола на екипи на Државниот инспекторат за земјоделство на Охридското Езеро биле затекнати рекреативни риболовци кои вршеле незаконски риболов од кајче на потегот од Охрид до селото Трпејца.

Петте лица биле затекнати како вршат рекреативен риболов со блинкер без дозвола од концесионерот и едно лице кое вршело рекреативен риболов со риболовни средства – блинкери, во број поголем отколку пропишаното со риболовната основа на Охридско Езеро.

Од Државниот инспекторат информираат дека против петте лица ќе бидат поведени соодветни постапки. Нив ќе им биде понудена постапка за порамнување, при што ќе им бидат издадени платни налози и доколку во рок од осум дена од издавањето не бидат платени ќе бидат поднесени соодветни активности за поведување прекршочна постапка.

Од Одделението за инспекциски надзор од областа на рибарството и аквакултурата во Охрид при Државниот инспекторат за земјоделство соопштуваат дека сите рекреативни риболовци е неопходно при вршење рекреативен риболов, и тоа независно дали од чамец или од брегот, секој да поседува важечка рекреативна легитимација издадена од Македонска риболовна федерација и рекреативна дозвола издадена од концесионерот на рибниот фонд на соодветната риболовна вода каде ќе бидат затекнати.

Притоа од инспекторатот најавуваат интензивирање на контролите на Охридското Езеро, при што нема да се толерираат никакви прекршувања на Законот за рибарство и аквакултура и подзаконските акти од истиот, а нема да се толерираат само рибокрадците, туку и риболовците кои риболоват без риболовна легитимација и дозвола.

најчитано сега