ОМД: Не се знае кога Австралија ќе ја признае Македонија

 

Нема временска рамка кога би можело да се случи признавањето од Австралија,  но не е исклучена можноста тоа да биде скоро, рече денеска претседателот на ОМД Мето Колоски на тема информациите дека Канбера до крајот на неделава ќе ја признае Македонија под уставното име.

Коловски вели дека ОМД, никаде не споменала дека Австралија ќе ја признае Македонија на Гала вечерата што утре ќе се одржи во Сиднеј, а е посветена на унапредување на австралиско-македонските односи.

- Тоа можеби нема да се случи утре, можеби ќе се случи во идниот месец, два, три... година можеби. Тоа не се знае. Кога Канада ја призна Македонија мене една вечер пред тоа да биде објавено ми се јавија од канадското МНР и ми кажаа дека тоа ќе се случи. Тоа не се знае може да ни се јават утре, следниот месец, можеби нема да се случи. Не се знае бидејќи таква е политиката, а дополнително наскоро има избори во Австралија. Можеби признавањето ќе се случи веднаш по изборите, како што беше случај со резиборот на американскиот претседател Џорџ Буш, рече Колоски на прес-конференција во Скопје.

Претседателот на ОМд појасни дека на Гала вечерата ОМД ќе му додели награда „Пријател на Македонија“ на австралискиот министер за надворешни работи Боб Кар за неговиот пристап и почит кон македонската заедница во Австралија.

- Целта на оваа Гала вечера, на обединувањето на македонската дијаспора и мисијата на ОМД во Австралија е да ги оставиме сите недоразбирања настрана да работиме на една кауза - Австралија да не признае под уставното име, рече претседателот на ОМД.

Освен на Кар, награда „Пријател на Македонија“ ќе им биде деделена и на ко-претседавачите со австралиско-македонската парламентарна група на пријатели - Стивен Џонс, пратеник од Тросби и Лук Симпкинс, пратеник од Коуан.

ОМД наградата за пријателство со Македонија им се доделува на личности кои се докажале како долготрајни пријатели на Македонија и глобалната македонска заедница. Дел од претходните добитници се иминистерот за државјанство, имиграција и мултикултурализам на Канада, Џејсон Кени, генералот-мајор Мајкл Дуби, конгресменката Кендис Милер, конгресменот Бил Паскрел, проф. Виктор Фридман, Џејсон Мико.

ФОТО: МИА

најчитано сега