Црвенковски може да остане претседател на СДСМ

Лидерот на СДСМ, Бранко Црвенковски, на утрешната седница на Централниот одбор на СДСМ треба конечно да каже, дали планира да остане уште еден мандат на чело на партијата. Во медиумите многу членови и функционери на СДСМ излегоа со информации дека Црвенковски нема да бара нов мандат и дека тоа му го соопштил на раководството, но интересно е дека ретко кој се реши, за ова да проговори официјално, потпишувајќи ја изјавата со своето име и презиме. 
Таквите извори велат дека Црвенковски ќе си замине и ќе остави партијата да избере нов претседател, меѓутоа никој не коментира, колку новиот кадар ќе биде ослободен од неговото влијание и дали вистински ќе има можност да ја води партијата. 
За разлика од неофицијалнтие и анонимни коментари, поранешниот генерален секретар на СДСМ, Ѓорѓи Спасов во интервју за Press24 рече дека не е сигурен дали Црвенковски ќе си замине од најважната канцеларија на Бихаќка.

„Прво, не сум сигурен дека Бранко Црвенковски не сака и натаму лично да остане на чело на партијата. Ако вистина решил да не се кандидира повторно за претседател на партијата или да не прифати кандидатура тогаш треба уште пред почетокот на подготовките за Конгресот да изјави дека тој не сака од страна на општинските организации да биде ниту евидентиран како можен кандидат за претседател на СДСМ и дека нема намера на самиот конгрес, во последен момент да се појави како единствен кандидат со образложение дека „ тоа е жртва за да се зачува единството на партијата“  - вели Спасов за Press24

Цвенковски пред стартот на изборите даде интересна изјава на конвенцијата на СДСМ во Куманово кога рече „и до мај, и по мај, та бил, та не бил, од мене спас нема“

И додека во СДСМ се исчекува, каква ќе биде одлуката на лидерот, во јавноста кружат и имињата кои би го наследиле доколку поднесе оставка. Како најсериозни кандидати, се спомнуваат Игор Ивановски и Зоран Заев, иако се вртат и имињата на Зоран Јовановски и Стево Пендаровски. 

Конгресот на СДСМ, Извршниот одбор на партијата го закажа за 2 јуни. Одлуката треба да биде потврдена и од Централниот одбор кој има закажано седница за утре. Во меѓувреме во СДСМ никој не зборува за евентуални кадровски промени. Партијата има договорено стратегија да не се изнесуваат информации во јавност до престојниот Конгрес