ДИК ги разгледува приговорите на ДУИ за општина Долнени
Државната изборна комисија на денешната седница отфрли два приговора на ДУИ за вториот круг од гласањето на локалните избори во Општина Долнени. Против приговорите гласаа сите членови на Комисијата освен потпретседателот на Комисијата Субхи Јакупи.
Овластениот претставник на ДУИ Селим Адеми образложи дека приговорите се главно поради групно и семејно гласање, едно лице гласало повеќе пати, а во избирачкото место 1210 во село Житоше во кутијата имало едно ливче повеќе, додека во избирачкото место 1472 во Лажани, како што рече, повеќе од пет ливчиња без печат во избирачката кутија.
Мнозинството членови на ДИК ги отфрлија приговорите посочувајќи дека во записниците за двете избирачки места нема никакви забелешки ниту од членовите на избирачките одбори, ниту од овластените набљудувачи на политичките партии.
ДУИ поднесе вкупно пет приговори за гласањето во Долнени. Во текот на денот ДИК треба да ги разгледа уште останатите три за избирачките места 1475 и 1476, додека последниот приговор е групен и се однесува на 18 избирачки места.
Синоќа до 19 часот кога заврши рокот за поднесување приговори за прегласувањето во Центар, Ѓорче Петров и Струга и гласањето во Долнени поднесени биле, според претседателот на Комисијата Борис Кондарко, само овие пет приговори.
Кондарко на седницата ги соопшти и конечните резултати од гласањето во трите општини каде што се прегласуваше.
Во Центар кандидатот на „Сојузот за иднината“ Андреј Жерновски освоил вкупно 15.061 глас или 54,28 отсто од вкупниот број граѓани кои излегле на гласање, додека Владимир Тодоровиќ 12.010 односно 43,29 отсто. Одѕивот во вториот круг од гласањето во оваа општина изнесува 65,03 отсто.
Во Ѓорче Петров Сокол Митровски од коалицијата „За подобра Македонија“ освоил 11.893 гласам, односно 50,23 од гласовите, додека Александар Наумовски 10,687 односно 45,86 отсто. Одѕивот во вториот круг од локалните избори во општината бил 64,61 отсто.
Во Струга, Владимир Кочоски поддржан од СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ освои 14.659 гласа односно 41,21 отсто од гласовите во вториот круг, а Зијадин Села од ДПА 20.723 или 58, 26 отсто од гласовите. Одѕивот во вториот круг од локалните избори во Струга изнесува 63,13 отсто.
МИА