47. Научно-културни средби „Десет дена Крушевска Република“

 
Возвишено е чувството во предвечерието на Илинден, од Гумење, од славното Крушево, да го честитам најголемиот празник на нашата држава, рече градоначалникот на Крушево Ѓорѓи Дамчески на синоќешното свечено отворање на 477. Научно-културни средби „Десет дена Крушевска република“. 
Од платото на Гумење, поздравувајќи ги претседателот на Македонија Ѓорге Иванов, сите потомци на знајните и незнајни херои и сите  посетители и гости на отворањето на Манифестацијата, Дамчески нагласи дека славиме големи јубилеи – 112 години од Илинденското востание и 71 година од Вториот Илинден.  
 
- Денес, кога прославуваме 112 години од првиот и 71 година од вториот Илинден, во годината кога славиме речиси четврт век од третиот Илинден, не можеме, а да не погледнеме назад со искрена почит и достоинство, со нескриено чувство на гордост, но идоза на самокритичност. На 2 август 1903-та, во херојско Крушево пламна факелот за ослободување на Македонија од османлискиот јарем. Иако Крушевската Република по само десет дена беше задушена во оган и крв, сепак, искрата на слободата продолжи да тлее во мислите и срцата на многубројните македонски родољуби. Тие го презедоа факелот и ја продолжија народноослободителната борба на македонскиот народ за време на Втората светска војна, рече Дамчески.
 
Според Дамчески, на патот кон независноста на Македонија не беше лесно, но Македонија успеа да го надживее турбулентниот период и да излезе посилна и поединствена. 
 
- Останавме верни на заветот врежан во Крушевскиот Манифести, врз темелите на вековната традиција на соживот. Изградивме единствен македонски модел на интеграција без асимилација. Успеавме да ја сочуваме тешко стекната слобода, и продолжуваме да се бориме за правата на сите свои граѓани, пред се, правото на своето име,  идентитет и достоинствен живот во Република Македонија како дел од обединета Европа, потенцираше Дамчески упатувајќи порака дека делото на илинденците не обврзува да бидеме одговорни и достоинствени.  
 
Потпретседателот на научно-културните средби „Десет дена Крушевска република“, Манојил Јаковлевски во своето обраќање дека токму во славното Крушево, симболот на македонскиот непокор, на 2 август 1903 година сите заедно, Македонци, Власи, Албанци-муслимани, Турци, Евреи, се дигнаа на вооружено востание за ослободување од вековното ропство.  
 
-  Во 1903 година во Крушево беше прогласена македонска Република. Востаниците со својата крв ги испишаа новите страници на македонската историја. Со својата крв го испишаа својот аманет. А аманетот од нашите предци, моралот и слободата ни наложуваат дека мора да ја чуваме нашата држава и да ја пренесуваме на нашите потомци, рече Јаковлевски. 
 
Годинава се одбележуваат и два големи јубилеи- 150 години од раѓањето на Питу Гули кој до последен здив ги бранеше Крушево и Републиката и 110 години од загинувањето на Никола Карев, претседателот на Крушевската република. 
 
Јаковлески со благодарност до претседателот Иванов кој јасно им даде на знаење на сите кои сакаа да манипулираат со нашата определеност и иднина, дека Македонија одамна е држава која требаше да биде дел од големото европско семејство, но дека некоја друга држава или европска сила го попречува тоа. А  денеска да се биде патриот, се докажува со дела, смета Јаковлевски. 
 
- Да бидеш патриот во 21 век  треба со дела да покажеш како се сака и како се работи за својата држава и за својот народ. Денешниот патриот гради патишта, училишта, болници, игралишта, создава услови за странски инвестиции, ги штити социјално загрозените, рече Јаковлеки, порачувајќи да се зацврсти македонскиот корен со што за отворени ги прогласи 47. Научно-културни средби „Десет дена крушевска република“. 
 
На манифестацијата беа доделини плакети на големиот македонски уметник и пијанист Симон Трпчески и постхумно на историчарот Зоран Тодоровски. Беше прочитан Манифестот на Крушевската република, а потоа гардата на АРМ  на столбот на Републиката го подигна барјакот кој ќе стои наредните 10 дена до крајот на научно-културните средби. На платото на Гумење концерт одржа групата „Баклава“, а во чест на отворањето на манифестацијата беше изведен импровизиран напад на Крушево. 
 
Пред свеченото отворање на „Десет дена Крушевска република“ илинденските коњаници заедно со делегација на Манифестацијата положија цвеќиња на средина на криптата на илинденските востаници, пред бистата на Веле Марков, на гробот на Питу Гули, пред споменикот на партизанските гробишта и на гробот на Тоше Проески. Во споменикот „Илинден“ по повод 110 годишнината од загинувањето на Никола Карев беше отворена изложба на документи насловена: „Никола Карев патешествие низ документи“ во организација на „историски музеј“ – Крушево.
 

 

Оцени ја веста

02.08.2015 - 11:26

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега