Честитка од Вељаноски: Илинден меѓник на минатото и иднината на Македонија
Македонија покажала дека има капацитет да се носи со тежината на проблемите што произлегуваат од нејзината самостојност, истакна денеска претседателот на македонското Собрание Трајко Вељановски во обраќањето на свеченоста во Меморијалниот комплекс АСНОМ во кумановското село Пелинце.
Вељаноски повика на соработка и дијалог меѓу политичките партии и истакна оти верува дека до крајот на летото ќе се отвори нова демократска перспектива. Не постои друг начин, како што рече, освен дијалогот за решавање и на пречката за македонските евроатлантски интеграции кои, со натамошниот развој на државата, остануваат приоритет.
Илинден, според Вељаноски, е меѓник во кој се вкрстуваат минатото и иднината на Македонија, точка од која најреално можеме да ја оцениме сегашноста низ призма на жртвите и влогот на генерациите пред нас, народна меморија која на најдобар начин нé опоменува дека Македонија е нашата најголема и најзначајна партија, нација и вера.
- Во зборот Илинден се собрани сите македонски интереси, идеи, идеологии, доктрини и национални програми. Во зборот Илинден подеднакво е олицетворена жртвата на комитите, како и успесите на партизаните. Илинден е олицетворение и на стремежите на македонскиот народ за сопствена држава, како што е олицетворение на желбите на нашите сограѓани од другите помалубројни нации и вери за соживот, за права и за слободи. Илинден подеднакво силно се однесува како на македонската левица, така и на македонската десница, како на политичкиот центар, така и на оние кои немаат идеолошка одредница, рече Вељаноски.
Жртвата на Илинденците, нагласи, е жртва за заедничка, просперитетна, напредна, демократска и развиена татковина, Македонија! - Сите македонски историски страници, целата македонска историја се оценува и се слави согласно овие одредници. Тие се оние кои го даваат најточниот суд за тоа дали тоа што го правиме е во согласност со славните идали на македонските комити и партизани, истакна Вељаноски.
Порача секојдневно да промовираме заедништво по примерот на учесниците на Илинденското востание, како и да градиме мостови на соработка внатре помеѓу нас, но и надвор со другите народи и држави.
- Само на овој начин нашата татковина ќе успее уште повеќе и уште подобро. Само на овој начин ќе покажеме уште повеќе и уште подобро дека Европа не е нешто што треба да го внесеме во Македонија, туку вредност која ја извезуваме како дел од заедничката европска култура и идентитет, потенцира Вељаноски.
Тој укажа дека Македонија е толку цврста внатре, колку што е интегрирана надвор, безбедна внатре, колку што има поцврста соработка надвор, сигурна внатре, колку што се сигурни нејзините релации надвор.
- Нашиот децениски приоритет, нашиот национален интерес, нашата заедничка програмска определба била, е и ќе биде членството во НАТО! НАТО е нашиот идеал кон кој се стремиме и за чие остварување сите овие години напорно работиме, подвлече Вељаноски.
Веруваме, потенцира, во нашата сила, способност и посветеност да го совладаме преостанатиот дел од патот во разумен рок.
- Веруваме во силината на внатрешниот меѓуполитички и меѓуетнички консензус кој е основата на сé и без кој ниту една цел не е достижна ниту извесна. Продолжуваме и во иднина да го јакнеме тој консензус и тоа внатрешно единство. Продолжуваме и во иднина, со истата посветеност да работиме на јакнење на сојузништвото со државите-членки на НАТО, рече Вељаноски.
Република Македонија, нагласи претседателот на Собранието, посветувала и ќе посветува голема енергија во унапредувањето и во развојот на односите со нашиот стратешки сојузник Соединетите Американски држави. - Високо ценејќи ги сите минати заеднички успеси, еднакво силно се залагаме за отворање нови заеднички перспективи. Силните македонско-американски врски се основата на сите наши успеси во иднината! Уште од времињата на двете илинденски епопеи, преку периодот на авторитарниот комунизам, па сé до денес, Македонија многу полесно се справувала со сите предизвици благодарение на поддршката на стожерната држава на Нато-пактот, рече претседателот на Парламентот.
Големата идеја за членство на Македонија во Европската унија, како што потенцира, е национална, државна и сеграѓанска цел. Укажа на придобивките од зачленувањето во Унијата во сите области потенцирајќи дека членството на Македонија во Европската унија ќе значи и симболичен крај на сите македонски историски премрежја на патот до светлата иднина. Европа, нагласи, е нашиот дом!
- Идеите на Гоце Делчев од времето на првиот илинден за „соработката помеѓу народите и културите“ се изворно европски вредности! Ставовите на Методија Андонов Ченто од времето на вториот Илинден „за плурализмот, демократијата и човековите права и слободи“ се изворно европски ставови. Оттаму, Гоце Делчев и Методија Андонов Ченто како симболи на исправните цивилизациски залагања на македонскиот народ низ историјата се неспорни докази кои треба дополнително да ја зајакнат, унапредат и развијат гордоста и на останатите држави-членки на Европската унија, рече претседателот на Собранието.
Потенцира дека брзината на движењето на Македонија кон НАТО и кон Европската унија во значајна мера зависи од нашите искрени залагања и работа и оти никој повеќе од нас самите нема интерес Македонија да стане дел од овие организации. Укажувајќи на проблемот кој го одолговлекува зачленувањето во ЕУ и НАТО, порача дека друг начин освен соочување со проблемот не постои и оти друг политички метод освен дијалогот, Македонија не познава.
Продолжуваме, како што рече, посветено да ги негуваме односите со нашиот јужен сосед. Продолжуваме да разговараме и да објаснуваме дека Македонија не и’ е непријател на Грција, ниту македонскиот народ на грчкиот народ.
- На тој пат, до остварувањето на таа цел, имаме должност да покажеме дека нашето име Република Македонија со сите придавки и именки кои произлегуваат од него, не е и не смее да биде основа за меѓудржавни недоразбирања со пријателска Грција! Мораме да ја сопреме спиралата на емитирање на неповолни вести кога станува збор за македонско-грчките односи. Мораме да ја спречиме инфлацијата на негативните вести! Имаме обврска да ги промовираме позитивните примери кои се доминантни во односите помеѓу двете држави и двата народа, рече Вељаноски.
Повика на динамизирање на билатералните односи имајќи ги во предвид интересите на граѓаните на двете држави кои, како што рече, како најдобро ни покажуваат како се развиваат туристичките, бизнис, културните, образовните и останатите релации.
Во обраќањето Вељаноски оцени и дека македонскиот законодавен дом продолжува да биде точка која ќе генерира стабилност и демократија.
- Како претседател на Собранието, сакам и денес, како и минатата година и во годините пред неа, да подадам рака кон сите преставници на народот на Македонија. Подавам рака на дијалог, на соработка, за нов напредок околу стожерните приоритети на државата. Мораме да покажеме дека зборови за соработка изговорени на вакви големи национални денови, не се само протоколарен чин. Ниту еден проблем не е доволно голем за да не биде совладан доколку целта е Македонија. Ниту еден настан не е доволно голем доколку настапуваме со искрени намери. Ниту еден направен разговор не треба да биде пречка за да отпочне дијалогот, рече Вељаноски.
Македонија, потенцира, е доволно силна за да може самата да ги решава проблемите. Македонија покажала дека има капацитет да се носи со тежината на проблемите што произлегуваат од нејзината самостојност.
- Да покажеме дека ги цениме советите на нашите меѓународни пријатели, но и дека имаме сила самите да разговараме и да ги решаваме проблемите. Да покажеме дека знаеме да решаваме сложени прашања користејќи ги нашите внатрешни сили и капацитети. Да покажеме дека сме држава со сите нишани! Цврсто верувам дека делата, а не зборовите се она од што зависи историската оценка за нас. Времето ќе ги отстрани сите неосновани траги и ќе ги прикаже личностите и настаните во вистинското светло. Во тој дух, повикувам заедно да продолжиме да ги надоградуваме демократските основи на македонскиот законодавен дом, рече Вењаноски.
Посочи дека партиите помеѓу себе се конкуренти, а не непријателски формации. Собранието, појасни, е она стожерно место кое подеднакво е отворено кон сите независно на која политичка група и’ припаѓаме.
- Да покажеме дека нашите програмски и идеолошки разлики знаеме да ги споделуваме, негувајќи ја културата на дијалогот. Впрочем, алтернативата не е непозната за нас! Тоа е непримерниот политички конфликт, кој, за жал, го гледаа македонските граѓани. Верувам дека ќе успееме да отвориме нова демократска перспектива со завршувањето на летото. Верувам дека враќањето на опозицијата ќе даде дополнителна тежина на македонскиот Парламент, рече Вељаноски.
Тој порача дека Парламентот е институцијата во која се вкрстуваат идеите за да се исфилтрира вистинскиот проект, а не е институцијата од каде се поткопуваат демократските темели на државата.
- Ниту една политичка бомба не може да предизвика доволно голем политички чад за да се замаглат вистинските дела. Ниту една политичка бомба не може да предизвика доволно голем политички чад со кој ќе се прикријат субвенциите на земјоделците, километрите изграден автопат, новите работни места, инвестициите и сé друго што е позитивно. Сепак, важно е, исто така, јасно да се подвлече дека демократијата подразбира цврсти институции и постоење на правда. Дека постојат закони кои се почитуваат од сите. Затоа да најдеме основа за соработка во кризата која се создаде. Да продолжиме да го гледаме заедничкиот интерес. Да продолжиме уште повеќе да водиме сметка за Македонија и за граѓаните. Доколку вака постапуваме, убеден сум дека ќе надминеме сé и ќе совладаме сé, наведе Вељаноски.
Потенцирајќи дека границата помеѓу политичкото и етничкото во Македонија е тенка и оти секоја политичка стабилност генерира етничка стабилност, укажа на обврската да продолжиме да ги негуваме добрите односи помеѓу граѓаните од сите вероисповеди и етнички потекла.
Илинден, потенцира, е најдобриот пример за ваквите тврдења. Под знамето на слободата и во 1903- тата и за време на Втората светска војна, пред олтарот на татковината своите животи ги положија Македонците, но и Албанците, и Турците и Ромите и Србите и Власите; и Христијаните и Муслиманите и Евреите и Атеистите. Да го славиме меѓуетничкиот дијалог, затоа што на тој начин најдобро ќе им се оддолжиме на нашите предци кои се изборија за нашата слобода и државна независност, рече Вељаноски.
Да си ветиме, порача, дека следните илиндени ќе говориме за други предизвици и оти со гордост ќе се сеќаваме на успешното справување со претходните проблеми.
- Да се обврземе дека со своите дела ќе ги убрзаме процесите на вкупниот развој на нашата татковина. Македонија ќе биде дел од НАТО и од Европската унија, ќе ги надмине сите политички несогласувања, ќе ги развие уште повеќе меѓуетничките односи, ќе биде уште поразвиена држава!, порача претседателот на Собранието во обраќањето во Пелинце.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа