Канческа-Милевска го посети археолошкиот локалитет Градиште кај Неготино
На археолошкиот локалитет Градиште кај Неготино постојано се прават истражувања со поддршка на Министерството за култура, а локалитетот влезе и во меѓународен проект во кој покрај домашни, се вклучени и археолози и професори од Полска и од Институтот „Валенсија“ од Шпанија.
Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска денеска го посети локалитет нагласувајќи дека Министерството и Владата и натаму ќе го поддржуваат истражувањето на Градиште.
- Целта на археолозите е самиот локалитет кој го потврдува градот Антигонеа. Локалитетот е од 4-ти, 5 век пред нашата ера и претставува раноантичка населба. На лице место може да се види таа одлична инфраструктура која е откриена при самото истражување. Голем број куќи, улици, друга инфраструктура. Јас се надевам дека археолозите ќе постигнат резултати и во периодот кој доаѓа, изјави Канческа-Милевска.
Таа го посети и Неготинскиот музеј во кој се презентирани голем број артефакти откриени за време на истражувањето во оваа година - фрагменти од керамика, вредни предмети, уникатна декоративна керамика.
- Забележав и вредни артефакти кои само овде сум ги забележала, кои потекнуваат од раноримскиот период и навистина се големо богатство за Република Македонија и, пред се, за археологијата во нашата држава, нагласи Канческа-Милевска за резултатите од проектот „Градиште” кој го раководи Горан Санев.
Таа информираше дека годинава покрај истражувањето на овој локалитет, отпочнат е исклучително значаен проект - реконструкција, санација и конзервација на Саат-кулата во Неготино и дека интензивно се работи на терен. Посочи дека се работи за значаен симбол на градот и за него се издвоени средства од буџетот на министерството преку надлежната институција - Национален конзерваторски центар во соработка со Неготинскиот музеј.
- Веќе се започнати интензивни активности околу реконструкција на Саат-кулата. Тоа ни е еден навистина значаен проект. Заедно со градоначалникот планираме целосно да се реконструира саат-кулата што ќе се стави во туристичка промоција. Се планира и ентериерно да се заврши конзервацијата, да има сувенирница во неа, а горе видиковец кој ќе овозможи поголема туристичка промоција и на градот и на овој значаен споменик на културата, истакна министерката која очекува реконструраната саат-кула да биде промовирана идната година.
Канческа-Милевска во оваа пригода посочи и дека Министерството ги поддржува проектите на Центарот за култура како национална институција, но и на музејот и библиотеката како локални институции, бидејќи, рече таа, еден од приоритетите е токму локалниот културен развој кој континуирано се поддржува преку проекти и инфраструктура.
Во таа насока, додаде министерката, се конструира и програмата за наредната година, во септември ќе биде објавен конкурсот за финансирање проекти, а посетата на општините придонесува да се видат кои се нивни приоритети од областа на културата.
- Кога е во прашање Центарот за култура, издвоени се средства од буџетот во висина од 2.300.000 денари за реконструкција на покривот. Проектот е во завршна фаза. Ќе се промени и електричната инсталација во самата институција со што ќе се подобрат условите во неа. Во библиотеката редовно дистрибуираме книги од сите оние капитални проекти кои ги поддржуваме, како и нов библиотечен фонд кој е насочен кон сите библиотеки во државата. Манифестацијата „Топол културен бран” која е во насока на дисперзија на културните настани се реализира и во Неготино со голем број културни настани кои, впрочем, ги има и во целата година, рече Канческа-Милевска.
Градоначалникот на Неготино Ванчо Апостолов, исто така, изрази задоволство од соработката со Министерството за култура. Најави бројни културни настани и во иднина, истакнувајќи дека културата е на високо ниво во градот Неготино.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа