СДСМ: Скопје2014 и нанесе срам на нацијата
Советот за култура при СДСМ се спротивставува на замајувањето на јавноста, што Министерката за култура и поранешниот градоначалник на Центар го изведоа со долгометражната прес-конференција за проектот „Скопје 2014“, глумејќи отчетност откако граѓаните ги казнија токму за зулумот и за срамот што ѝ беше нанесен на државата преку него. Таа прес-конференција само го потврди она што граѓаните одамна го знаеја. Дека проектот, меѓу другото, е и финансиски скандал, не „перење“, туку „гнасење“ на тешко спечалените народни пари, потрошени на астрономски и со ништо заслужени хонорари и набавки на реквизити по цени на кои би им позавидел и емирот од Катар.
Советот за култура при СДСМ предупредува дека проектот „Скопје 2014“ не треба да се исцрпува само како финансиски скандал. Да потсетиме дека Скопје не осамна на насловните страници на сите светски весници по финансискиот скандал, туку и како „престолнина на кичот“, односно дека срамот на нацијата ѝ беше нанесен по многу други основи.
Штетноста на овој проект е што зад површинската појавност на една измамничка архитектонска и скулптурална претстава ги урива вредносните системи во културата, ги суспендира уставноста и правната држава, ја злоупотребува историја и ги поместува темелните камења на националниот идентитет.
„Скопје 2014“ не произлегува од подлабокото разбирање на културата и нацијата, ниту од професионалната уметничка или архитектонска мисла и практика. Тој проект е политичко-пропаганден манифест на партијата на власт, демонстрација на самовластие на еден човек кој ги донесува сите урбанистички, архитектонски и споменички одлуки. Ова самовластие се реализира низ инфраструктурата на државните органи, со јавни средства, а се изведува како вид културен инженеринг кој сака да го промени идентитетот на нацијата и граѓаните да ги држи во потчинетост со помош на еден помпезен и мегаломански (а всушност, брутално простачки) национализам.
Голем проблем на „Скопје 2014“ е што е донесен и изведен по сосема недемократски пат, со кршење, заобиколување и насилно преправање на процедурите. Очекуваме ревизијата да ја разоткрие правно-процедуралната и културната димензија на случајот; да даде одговор на прашањата кој е автор на целиот проект, по чија иницијатива и со какви намери е покренат, зошто и како се носени одлуките, кој дал согласност и врз основа на какви стандарди и критериуми се дадени дозволите.
(Интегрален текст од писмено соопштение на СДСМ)