Заврши проектот за слободно движење на работниците - повеќе од 400 вработени се обучија

 

Заврши проектот „Зајакнување на капацитетите за ефективна имплементација на законодавството на ЕУ во сферата на слободното движење на работниците“, преку кој Македонци имаа можност да се обучат.

Повеќе од 400 вработени во агенциите, министерствата и фондовите во Република Македонија имаа корист од обуките и активностите кои беа спроведени во рамки на твининг проектот, пренесува МИА.

Проектот е имплементиран како партнерство меѓу Република Македонија, Шведска и Унгарија. Почна да се спроведува во февруари 2014 година, а носител е Министерството за труд и и социјална политика и Агенцијата за вработување на Република Македонија. Во активностите беа вклучени и министерствата за здравство и за надворешни работи, Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, Фондот за здравствено осигурување и Секретаријатот за европски прашања. 

Евроамбасадорот Аиво Орав на денешната завршна конференција од проектот истакна дека слободното движење на лицата е основа на внатрешниот пазар и на ЕУ. 

„Тука го вклучувам правото лицата да не бидат дискриминирани во однос на условите за работа. Им се овозможува на работниците од една држава-членка да ги добиваат истите бенефиции во доменот на социјалното осигурување, како и работниците од државата-членка каде што тие работат. Сите тие имаат право да уживаат во бенефиции во случај на боледување, старосна пензија, како и бенефиции во случај на невработеност“, рече Орав.

Орав додаде дека повеќе од 400 милони жители кои живеат во други држави-членки на ЕУ имаат право да се движат слободно, да живеат, студираат... Токму тоа е, потенцира тој, правото кое најмалку го почитуваат лицата во ЕУ. 

Заменик-министерот за труд и социјална политика Ибрахим Ибрахими потсети дека Република Македонија досега има склучено договори за социјално осигурување со 22 држави, од кои 13 се членки на ЕУ. 

„Тоа ни помага во решавањето на предизвиците, и од институционален аспект и од правна гледна точка, со која треба да се соочиме пред пристапувањето во ЕУ“, рече Ибрахими. Додаде дека во рамки на проектот се спровеле повеќе обуки, се создале прирачници, извештаи, упатства. 

Амбасадорот на Кралството Шведска во Македонија Матс Стефансон го оцени проектот како успешен и додаде дека Шведска ја поддржува перспективата за ЕУ на Македонија, на конкретен и практичен начин, преку трансфер на знаење и искуство.

„Македонија е подготвена за најважните чекори што треба да ги преземе, кои се однесуваат на административните структури. Да се надеваме дека тие ќе бидат доволно развиени до времето на пристапот и оти ќе бидат исполнети сите услови за целосно имплементирање на сите релевантни закони на ЕУ“, рече Стефансон. 

Унгарскиот амбасадор во Македонија Јозеф Бенце истакна дека Унгарија и Шведска се и ќе останат најважни сојузници во ЕУ. 

„Будимпешта исто така ви дава помош за поддршка за пристапувањето во НАТО“, рече Бенце и додаде оти се залагаат за зголемување на ЕУ.

 

 

Оцени ја веста

28.07.2015 - 12:22

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега