Анкета: Германските компании повторно заинтересирани да инвестираат во Македонија

 

Деведесет проценти од членките на Македонско-германското стопанско здружение би инвестирале повторно во Македонија, покажува анкетата за бизнис климата во државава.

Во анкетата на  Македонско-германското стопанско здружение и претставништвото во Скопје на Унијата на германските комори за индустрија и трговија, за годинава 50 проценти од членките на Македонско-германското стопанско здружение рекле дека планираат зголемување на своите инвестиции, а исто толку очекуваат и зголемување на извозот. 

Позитивна оценка за сопствената деловна положба изнеле 44 проценти од компаниите, а 50 проценти задоволителна.

- Видливо е преовладување оптимизам во проценката на сопствената деловна состојба, а исто така 60 проценти од анкетираните компании очекуваат подбрување на сопствената деловна состојба во текот на следната година. Само 12 проценти очекуваат влошување, рече Михаил Шмит, директор на Германската стопанска комора во Македонија, на презентацијата на анкетата.

Германската амбасадорка во Македонија Гудрун Штајнакер  посочи дека и покрај позитивните резултати во анкетата има локални фактори за бизнис климата на кои  треба да се работи.

- Проблем претставува задолжувањето и сметам дека е од големо значење. Интересен фактор  е и тоа што државата е еден од најголемите работодавачи во Македонија, а јавната администрација се зголемува се повеќе, но не станува поефикасна. Во моето искуство од година и половина забележав една дискрепанца помеѓу локалната самоуправа и централната Влада.  Сметам дека на локално ниво кај градоначалниците и во самата  локална самоуправа постои поголема подготвеност за соработка и  поголема ангажираност. Некои од градоначалниците се повторно избрани и се надевам дека со нив ќе оствариме многу и добра соработка, рече Штајнакер.

најчитано сега