Македонци си донеле автомобили од Германија а не платиле царина - еве како

 

Постапувајќи по констатираните неправилности, Царинската управа на Република Македонија, во јуни 2013 година, до надлежните јавни обвинителства  поднесе 7  кривични пријави против едно правно лице и 7 физички лица.

Кривичните пријави се поднесени поради постоење на основано сомнение за сторени кривични дела „Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“, „Криумчарење“, ,„Изнесување односно извезување во странство добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости“, „Царинска измама“ и „Фалсификување исправа и поднесување лажни докази“.

Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори 
*Кривична пријава е поднесена против двајца албански државјани, заради обид за криумчарење на околу 98 кг марихуана.
На 14.06.2013 година, на граничниот премин Табановце автопат, за излез од Република Македонија се пријавија пријавените како возачи на автобус со албански регистарски ознаки што сообраќал на релација Тирана - Фрајбург. Иако возачите и патниците изјавија дека немаат што да пријават за царинска контрола, царинските службеници го селектираа автобусот за детален преглед. Притоа, во фабричките шуплини над предните и задните тркала, до кои се доаѓа преку багажниот простор на автобусот, пронајдени се 48 пакувања со различна големина и тежина исполнети со марихуана, додека во внатрешноста на автобусот, во просторот за вентилација над патничките седишта се пронајдени уште 96 пакувања со различна тежина и со иста содржина.  
Според изјавата на пријавените, дрогата ја земале од трето лице, исто така албански државјанин, а требало да ја пренесат до Белград и да ја предадат на српски државјанин. За да го прикријат вистинскиот мотив за патување, пријавените, за многу ниска цена организирале туристичко патување за Фрајбург, Германија, а планираната рута на движење била Тирана преку Косово и Македонија.

Криумчарење

Кривична пријава е поднесена против американски државјанин заради обид за криумчарење на поголема количина непријавен златен накит и бижутерија. Пријавениот, на 14.06.2013 година, како пешак се пријави за влез во Македонија на граничниот премин Јажинце, при што на прашање на царинскиот службеник одговори дека носи само лични работи. При контрола на неговите патни торби, помеѓу облеката се пронајдени 114 парчиња златен накит и бижутерија (алки, обетки, бразлетни, прстени и шноли),  со вкупна вредност од 165.600 денари.

Изнесување односно извезување во странство добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости

Кривична пријава е поднесена против бугарски државјанин заради обид за криумчарење предмети што претставуваат културно и историско наследство на Република Македонија.

На 07.06.2013 година, за излез од Македонија  на граничниот премин Ново Село пристигна пријавениот, управувајќи мини-бус со бугарски регистарски ознаки што сообраќа на редовна линија Софија-Струмица-Софија. Иако патниците не пријавиле ништо за царинска контрола, царинските службеници пристапија кон контрола на личниот багаж на патниците и детален преглед на мини бусот. Притоа во каналот за вентилација, што поминува над патничките седишта на  минибусот, пронајдена е мала кутија завиткана во бела хартија облепена со леплива лента, на која со пенкало бил запишан износ од 1.000 евра, во  која имало 5 метални стари монети и 1 стар метален крст.

Според стручната експертиза од страна на Музејот на Македонија, пронајдените предмети претставуваат споменик на култура и се дел од културно-историското наследство на Македонија. Монетите се од македонско-хеленистичкиот и римскиот период,  а крстот е средновековен.

Царинска измама

Две кривични пријави се поднесени против правно лице од Скопје и неговото одговорно лице - македонски државјанин кои со приложување неверодостојни фактури при увозно царинење, се обиделе да избегнат плаќање увозни давачки во вкупен иснос од околу 270 илјади денари.

Во првиот случај, во текот на 2010 година, на царинската испостава Штип, со две царински декларации, осомничените увозно оцариниле дрвен мебел, делови за мебел, ПВЦ профили, лајсни и друго, со потекло од Турција, приложувајќи фактури со вкупен износ од 22.249,60 американски долари.

Во вториот случај, на 28.05.2010 година, на царинската испостава Делчево, со една царинска декларација, осомничените увозно оцариниле делови од спална соба со потекло од Турција, при што приложиле фактура со износ од 9.840,00 американски долари.

Во двата случаи Царинската управа ги испрати предметните фактури на проверка кај царинската администрација на Република Турција, од каде беше добиен одговор дека оригиналните фактури се разликуваат од приложените во износот на вредноста на стоката, односно во првиот случај вистинската вредност на стоката изнесувала 46.020,46 американски долари, а во вториот случај 22.945 американски долари.

Врз основа на новоутврдената состојба пресметани се дополнителни давачки, во првиот случај во износ од 153.716 денари, а во вториот случај во износ од 114.351 денари.

Фалсификување исправа и поднесување лажни докази

Две кривични пријави се поднесени против двајца македонски државјани, кои при увозно царинење на употребувани патнички возила, приложиле лажни докази за потекло со цел да им биде одобрен преференцијален тарифен третман, односно царинење со царинска стапка 0%.

Во двата случаи пријавените, во 2011 година, при увозно царинење на по едно употребувано патничко возило на царинската испостава Скопје 2, приложиле фактури со наведени изјави за потекло, потпишани од странските продавачи.

Поради сомневање во веродостојноста на приложената документација и автентичноста на изјавите за потекло во фактурите, Царинската управа на Република Македонија ги испрати на проверка до царинска администрација на Сојузна Република Германија, од каде е добиен одговор дека извозниците ги немаат издадено и потпишано фактурите и изјавите за потекло. 

Врз основа на новоутврдената состојба Царинската управа изврши дополнителна пресметка за наплата на царинскиот долг и ги задолжи пријавените да ги доплатат избегнатите давачки.

(Интегрален текст од соопштение на македонската Царина)

ФОТО: Канал 5

најчитано сега