Поднесени 505 приговори за резултатите од државната матура - прифатени се 212
На прелиминарните резултати од тестовите по екстерните предмети на државната матура спроведена во јуни биле поднесени 505 приговори од кои, по разгледувањето од страна на предметните комисии, прифатени се 212, соопшти Државниот испитен центар.
„Тоа е околу 0,4 отсто од вкупно прегледани 49.861 тест-книшки во овој испитен рок. Конечните резултати согласно пропишаната динамика на реализација на државната матура се доставени до училиштата на 22 јули 2015. Кандидатите кои приговарале имаат право на увид во тестот. Увидот ќе се реализира на ден 24 јули 2015 во просториите на Државниот испитен центар“, информира ДИЦ.
Кандидатите кои сметаа дека тестовите не им се правилно вреднувани имаа право на приговор во рок од два дена, почнувајќи од 14 јули. Секој кандидат можеше за своите резултати да се информира и на веб- страницата за државна матура www.matura.gov.mk.
ДИЦ на 12 јули ги објави првичните резултати од тестирањето по екстерните предмети во јунската сесија од осмата државна матура (2014/2015), според кои просечната оценка по сите предмети, во сите средни училишта во Македонија, е 3.37, и е повисока во однос на минатата учебна година кога средниот успех беше 3.11.
На државната матура во јуни биле пријавени 52.090 кандидати по сите предмети, на тестирањата учествувале 49.861, а отсуствувале 2229.
За кандидатите кои отсустувувале во јуни, кои не ја положиле или не во целост, наредната сесија ќе се реализира од 17-ти до 20 август 2015.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа