Се менува Законот за прекршоци
Во текот на вчерашниот ден Собранието на Република Македонија, со двотретинско мнозинство, изгласа три исклучително значајни закони, кои во многу елементи ќе ги подобрат условите за граѓаните и за стопанските субјекти.
Беа изгласани следните закони или нивни измени:
1. Законот за прекршоци;
2. Законот за општа управна постапка;
3. Законот за парнична постапка.
За сите три закони беше потребно двотретинско мнозинство.
Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за подобра Македонија целосно застана со своја поддршка зад овие закони.
Воедно, дозволете ми да се заблагодарам на сите пратеници кои дадоа несебична поддршка на овие значајни за граѓаните, закони, а доаѓаат од многу различни политички партии.
Она е што е значајно за граѓаните во овие закони, а треба да се потенцира се инзворедно големите ефекти и поволности во нивното секојдневно работење .
Овие закони се донесени врз база на длабоки и сериозни консултации со стопанските комори, занаетчиските здруженија и сопствениците на мали и средни претпријатија.
Со Законот за прекршоци суштинска новина е воведување на принципот на нивелирање на санкциите согласно со економската моќ на субјектите. Овој принцип беше ветен со предизборната програма на нашата коалиција и денес сме посебно горди што успеавме да го исполниме тоа наше ветување.
Овој закон е еден од низата закони со кои во драстично ги подобруваме условите за работа на фирмите во Република Македонија. Да потсетам на драстичното намалување на даноците и опциите за ослободување од нив, намалување на придонесите, регулаторната гилотина, поедноставување на различни процедури и многу слични активности.
Во Законот за прекршоци се воведени три критериуми по кои ќе се одмерува, односно нивелира санкцијата, а кои во суштина значат драстично намалување на глобите за прекршоците за најголемиот дел од субјектите во Република Македонија.
Првиот критериум е вкупниот приход во претходната фискална година. Овој критериум ќе влијае на изрекување на санкцијата почнувајќи од минимални 10% за фирмите кои остваруваат приход до максимални 500 000 денари, па се до максимум 70% за фирми кои остваруваат приход од над 100 000 000 денари.
Вториот критериум е просечниот број на вработени врз основа на кој ќе се изрекува санкција во висина од 5% за фирми кои имаат максимум 9 вработени (а такви се над 60 215 од вкупно 70 659, или над 85% од фирмите во Македонија), па се до 20% од пропишаната глоба за фирми со над 250 вработени.
Третиот критериум е претходното поведение на субјектот за кој критериум може да се изрече најмногу 10% од предвидената глоба, што значи дека ако претходно нема изречено санкција нема да ги плаќа овие 10%.
Што во пракса значи овој закон?
Дозволете ми да ви дадам повеќе едноставни примери.
Пример 1: Глоба во иста висина како досегашната ќе плаќаат само фирмите кои имаат над 250 вработени (а такви се само 0,3% од фирмите во Македонија), и имаат годишен приход од најмалку 100 000 000 денари. Сите други фирми ќе имаат далеку помали глоби.
Пример 2: Овој пример е најповолен. Ако фирмата на која е изречена глоба има до 9 вработени и остварила приход од најмногу 500 000 денари, а претходно не била санкционирана, ќе плати само 15% од сумата која претходно, пред донесување на овој закон, требало да ја плати. Односно ако пред три дена била санкционирана ваква фирма со глоба во висина од 500 евра, со примената на овој закон таа глоба ќе биде само 75 евра.
Пример 3: Ако фирмата има вработено максимум 49 луѓе, а остварила приход до 1 000 000 денари и претходно не била казнувана, ќе плати глоба во висина од 30% од досегашната сума, односно ако глобата била 500 евра сега ќе треба фирмата да плати само 150 евра.
Пример 4: Ако фирмата има вработени од 50 до 249 луѓе, а остварила приход од максимални 6 000 000 денари и не била санкционирана претходно, тогаш ќе треба да плати глоба од 55% од досегашната сума. Односно наместо 500 евра глобата би била 275 евра.
Овој закон, се на се, значи драстично намалување на глобите за прекршоците.
Би сакал да потенцирам дека со овие измени на Законот се воведува и можноста за опомена спрема правните лица и трговците поединци.
Со овој закон се излегува во пресрет на барањата на граѓаните и на фирмите во Република Македонија, при што се обезбедува принципот на правичност и целта за намалување на трошоците за работа на фирмите.
Со Законот за општа управна постапка кој вчера беше изгласан од страна на Собранието на Република Македонија ќе се постигне подобрување на транспарентноста на управните постапки, зголемување на довербата на граѓаните кон јавната администрација, професионализација на јавната администрација и нејзина ориентираност кон услугите кои таа ги дава, примена на информатичко-комуникациските технологии, усогласување со стандардите на ЕУ, зголемување на економичноста и ефикасноста на работата на јавната администрација.
Овој закон беше предвиден во изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за подобра Македонија, но беше предвиден и во акциониот план на високиот дијалог што Република Македонија го води со Европската Унија и беше изработен со поддршка од ЕУ и експерти од нашата Академија, адвокати, нотари, невладини организации и други.
Сосема на кратко би потенцирал дека со овој закон се заштитуваат на високо ниво правата на граѓаните при секојдневните проблеми што ги тангираат, а се поврзани со испорака на јавни услуги (како што се телекомуникациските услуги, испораката на електрична енергија, вода, парно и слично). За секој проблем ќе мора да се запази одредена процедура и тоа нема да биде оставено на волјата на фирмите. Сега граѓанинот кој смета дека е оштетен ќе може да се обрати до соодветното регулаторно тело каде што треба да се обезбеди заштита од прекинување на услугата, висината на услугата и слично.
Новиот Закон за општа управна постапка подразбира поефикасни, поедноставни и побрзи управни постапки што драстично помалку ќе ги чината граѓаните, правните лица и Буџетот на Република Македонија.
Со Законот за парнична постапка, кој исто така беше предизборно ветување се предвидени повеќе новитети, но најзначајни се следните. Се предвидува задолжителен обид за решавање на спорните стопански односи чија вредност не надминува 1 000 000 денари по пат на медијација пред заведување на постапката пред суд. Исто така, со овој закон, се исполнуваат и препораките на Светска банка, од извештајот Дуинг бизнис. Се почитуваат принципите на економична парнична постапка и се воведени измени и дополни во над 20 елементи со кои клучен бенефит ќе е подобрување на бизнис климата во државата.
Конечно на крај, Собранието на Република Македонија вчера изгласа три закони со огромно значење за граѓаните и фирмите. Тоа нам ни е обврска. Се надевам дека примената на овие закони ќе донесе голем бенефит за секој човек во нашата држава. Собранието на Република Македонија во идниот период ќе има голема обврска за усогласување на многу материјални закони со овие три закони, но ние сме спремни да ја исполниме таа обврска.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа