Костадиновски:Завршена тендерската постапка за реконструкција на браната Пишица
Заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Ване Костадиновски, пратеникот Емил Димитриев и градоначалникот на општина Пробиштип, Тони Тоневски денеска соопштија дека е завршена тендерската постапка за реконструкција на браната Пишица, а во тек е жалбената постапка на градежните фирми кои учествувале во аукцијата, пренесува МИА.
Костадиновски истакна дека реконструкцијата на браната Пишица е од голема важност за жителите на неколку села во Пробиштип, но и за голема сигурност на населените места кои се по течението на оваа брана, бидејќи во 2013 по нејзината хаварија беа поплавени земјоделски површини во општина Карбинци и куќи во штипската населба Ново село.
- Во буџетот беа предвидени за реконструкција на браната Пишица околу 80 милиони денари, но со негативната аукција постигната е цена од 60 милиони денари. Оваа брана планирано е да биде бетонска, а од неа вода за наводнување на земјоделските површини да добиваат селата Пишица, Жиганци, Гајранци и дел од атарот на селото Крупиште, рече Костадиновски.
Тој информира дека од програмата за изградба на акумулации и санирање на системите за наводнување кој изнесува околу 200 милиони евра во источниот регион, ќе се градат и браната Рајчани во Кочани, а исто така ќе се оствари и долгогодишниот сон на жителите на штипско-карбинскиот регион за изградба на брана на река Козјак.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа