Пешевски: Немаше никаков физички контакт меѓу мене и Ивановски

Вицепремиерот Владимир Пешевски се огласи во врска со денешниот настан, односно инцидентот кој го предизвика Саше Политико.

-Во врска со денешниот настан би сакал да дадам свое гледање на нештата. Најпрвин би сакал да искажам жалење за денешниот тек на настаните. Агресивноста никогаш не била својствена за мојот карактер, ниту пак сметам дека таа може да биде решение за проблемите. Мојата денешна постапка беше водена од одбранбениот инстинкт, емоциите и крајно негативното претходно искуство со лицето Саше Ивановски. И покрај тоа што целата ситуација беше испровоцирана, сепак мојата реакција беше пресилна, напиша Пешевски на својата официјална страна на Фејсбук.

-Би сакал да појаснам дека се работи за трет настан поврзан со истата личност. Првиот настан се случи кога бев со сопругата и моите деца на медицински третман за најмалиот син во Битола, кога чекајќи на паркинг лицето Ивановски низ отворен прозор се внесе во самото возило со провокации. Тогаш го затворив прозорот и го напуштив местото, не сакајќи пред децата да правам инцидент. Вториот пат беше настанот во Александар Палас, каде на официјален настан и покрај тоа што Ивановски можеше да поставува прашања на самиот настан, тој одбра да оди со провокации по завршување на настанот. Третиот настан беше денешниот, каде бев целосно приватно, без обезбедување, на пауза за ручек прво со членови на семејството, а потоа се приклучија и некои мои пријатели. Пред да се случи самиот инцидент со Ивановски, имаше провокации кон мојата маса од соседна маса од други лица, на кои немав никаква реакција. Очигледно е дека истите лица од соседната маса кои провоцираа и дофрлаа навреди на мое лично ниво, а кои потоа и го снимаа настанот, го повикаа Ивановски да дојде и да ја направи својата веќе стандардна провокација. Кога се појави Ивановски, и јас решив да си одам, знаејќи дека се работи за лице кое се поврзува со голем број на инциденти, со нестабилно однесување, и лице кое и претходно има направено инвазија на мојот личен простор. Потоа, кога ми се приближи од зад грб, реагирав одбранбено и инстиктивно. Мојата реакција беше пресилна и преемотивна, но при тоа сепак немаше никаков физички контакт меѓу мене и Ивановски, што може да се види ако внимателно се погледне снимката, додава Пешевски.

Дадов подетален опис на ситуацијата, за да се разбере зошто беше таква мојата реакција, напиша вицепремиерот Пешевски и додава: Знаејќи го ова, прашајте се себе си како би реагирале вие на мое место? Ќе повторам, агресивноста не треба да биде начин на решавање на проблемите, но исто така загрозувањето на приватноста и безбедноста како што мене би беше направено, не треба да биде начин на делување или однесување на било кој.

Инаку, лицето Саше Ивановски, познат како Саше Политико, изминатиот период реализираше инциденти и атаци кон поголем број на политичари, но и кон јавни личности како Каролина Гочева, владиката Стефан, ректорот Стојковски, интелектуалците од Македонски манифест и многу други.

Ова е втор инцидент за неполни 24 часа кој го предизвикува ова лице, кое лажно се претставува дека е новинар, иако во процес против него во скопскиот суд официјално тврдел дека тој не е новинар.

 

 

Оцени ја веста

15.07.2015 - 18:53

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега