Индиско списание објави критика за македонска поезија

 

Реномираното индиско списание „Болоџи“ објави критика за поезијата на Јовица Тасевски-Етернијан, потпишана од д-р Шаменаз Шеик, доктор на науки по англиска книжевност од Универзитетот на Алахабад.

Д-р Шаменаз на почетокот на критичкиот осврт нагласува дека поезијата на Јовица Тасевски-Етернијан е призната на меѓународно ниво, како што таа тврди „заради неговиот поетски гениј“ и оти е вреднувана со наградата „Восхитувачки поет“ за исклучителен придонес во современата поезија.

Авторката истакнува дека песните на Јовица Тасевски-Етернијан се исклучително мистични, исполнети со метафизичка симболика и со митолошки и библиски мотиви.

На крајот на освртот, д-р Шаменаз Шеик заклучува дека пристапот на Јовица Тасевски-Етернијан кон пишувањето поезија е многу креативен, сложен, интелектуален и духовен. Во неговите песни може да се најдат длабочина и целосност какви што ретко се сретнуваат денес, така што, според неа, книгата со избрани песни на Етернијан, преведени на англиски јазик претставува вистински подарок за сите читатели од англиското јазично подрачје.

- За мене претставува огромна чест што д-р Шаменаз Шеик тврди дека заради сите овие карактеристики мојата поезија може да се спореди со поетските остварувања на великаните на англиската книжевност, Џон Милтон и Т. С. Елиот, чија поезија исто така е мистична и филозофска, изјави Јовица Тасевски-Етернијан.

најчитано сега