Ќе се зајакнуаат капацитетите на болниците во Штип, Битола и Тетово

Клиничките  болници во Штип, Битола и Тетово ќе прераснат во регионални центри каде ќе бидат упатувани најголем број од пациентите коишто живеат надвор од главниот град. Во моментов Министерството за здравство работи на зајакнување на капацитетите во повеќе различни специјалности во овие и во општите болници низ државата. 

Министерот за здравство посочи дека од почетокот на годинава досега се креирани 28.219 упати од  јавни здравствени установи  од другите градови кон клиниките во Скопје и Градската општа болница во Скопје. Специјалностите што ќе се зајакнуваат се утврдени врз основа на анализа направена преку системот „МојТермин“. Целта е, појасни министерот за здравство, да се редуцира упатувањето кон скопските клиники.- А со тоа и да ги поштедиме пациентите од дополнителни трошоци на пари, време и енергија за патување до Скопје, изјави Тодоров. 

- Првично ќе ги опфатиме клиничките болници, како регионални медицински центри кон кои гравитираат жителите на целиот регион, а потоа постепено ќе ги опфатиме и сите општи болници низ државата, рече Тодоров.

Од анализата на податоците е утврдено дека од источниот регион од болниците во Штип, Струмица и Кочани во изминатите шест месеци се упатени две илјади пациенти кон скопските клиники и кон градската општа болница, а од целиот регион - Пробиштип, Радовиш, Берово, Виница, Делчево, Свети Николе, Кочани, Струмица кон штипската болница се креирани дополнителни 232 упати.

За да се зајакнат капацитетите и да се надминат проблемите во Штипската болница, како што најави министерот, ќе бидат преземени повеќе мерки. 

- Прво, со цел унапредување на работата на одделението за неврологија во Клиничката болница Штип ќе бидат набавени нови ЕЕГ и ЕМГ апарати, рече Тодоров. Веќе од следната недела ќе започне едукацијата на доктор-специјалист од штипската болница, во соработка со Клиниката за неврологија, што е предвидено да трае од 3 - 6 месеци.

Втората мерка е унапредување на дигестивната хирургија и областа на гастроентерохепатологија во штипската болница. Ќе бидат обезбедени по две дополнителни супспецијализации за дигестивна хирургија и во областа на гастроентерохепатологијата.

- Во оваа јавна здравствена установа ќе работиме на зајакнување на ехокардиографија за дијагностицирање срцеви заболувања, што е посебно значајно за пациентите од цела Источна Македонија. За потребите на клиничката болница во Штип ќе набавиме и дополнителен апарат за ехокардиографија, со што ќе се намали времето на чекање за пациентите, рече Тодоров.

Тенденцијата, според министерот, е оваа здравствена услуга да се дисперзира и во повеќе места во источниот регион, имајќи предвид дека станува збор за значајна дијагностика на заболувања кои во светски рамки се водечка причина за смртност кај населението.

Исто така, Тодород најави едукација на доктори дерматолози кои ќе се оспособат за вршење алерголошки тестови со медикаменти и анестетици.

- За потребите на одделението ќе отпочнеме постапkа за набавка на дополнителна опрема. Воедно, тенденцијата е паралелно да се зајакне и капацитетот на одделението во Струмица, со проширување на алерголошката дејност, изјави министерот за здравство.

Во Штипската болница ќе се воведе и торакална (градна) хирургија. - За оваа значајна специјалност ќе направиме и дополнителни испитувања и анализи за потребната опрема и дополнителен кадар кој би бил потребен, а засега дефиниравме краткорочно и долгорочно решение, рече министерот. Краткорочно решение е интервенциите да ги врши торакален хирург, најверојатно д-р Сашко Јовев, од Клиниката за кардиохирургија во рамки на проектот дисперзирана клиника, а како долгорочно решение во Програмата на Министерството ќе биде обезбедена супспецијализација за лекарите од штипската клиничка болница, кои ќе се доусовршат за интервенции од областа на тораковаскуларната хирургија. 

 

 

Оцени ја веста

04.07.2015 - 14:56

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега