Бегаат од избори како од чума

 

Преговорите во Брисел завршија неуспешно. За оние што подобро ги познаваат македонските политички состојби, очекувано и познато сценарио. За поголемиот број граѓани, момент на големо разочарување. И еврокомесарот Хан, а подоцна и Европската комисија и Европскиот парламент, со првична изјава во разочарувачки тон.

intervju-poimnik

А како и да не се разочарани. Човек со сериозен авторитет и политичко искуство зад себе, седнува на маса со лидери на партии од државата Република Македонија, од кои очекува сериозно политичко однесување и доставување политички предлози што ќе значат крај за политичката криза во земјата. Наместо тоа добива шок. Шок од политичкото однесување на лидерот на СДСМ, кој се однесувал на масата небаре е на Муртинска чешма, шок од неговиот ултимативен политички пристап, шок од немањето елементарна политичка култура, шок од немањето елементарна политичка одговорност, шок од, како што рече еврокомесарот, немањето политичко лидерство. 

И кога искусен политичар каков што е г. Јоханес Хан директно ќе ви каже дека како лидер на партија не поседувате клучни политички квалитетна политичка одговорност и лидерство, тогаш вистинската порака што ви ја упатува е дека сте човек залутан во политиката. Работата е во тоа што сите ние, граѓаните ја знаеме оваа состојба. Можеби во лошото има и една добра работа, што конечно и европските политичари подобро се запознаа со нашите политички маки. Kој ја претставува опозицијата во земјата и во странство, и со кого ние си имаме работа. Kога некој оди на разговори, или на преговори, а моли Бога од нив да не произлезе никакво решение, тогаш состојбата е јасна. За дијалог, за разговори, а уште повеќе за преговори, е потребна барем минимална политичка волја работите да се решат. Но, во кликата на СДСМ, предводена од лидерот, и неговите учители од фондацијата „Сорос“, не постои ниту минимална волја да се дојде до решение. 

Тие се длабоко свесни дека ако сега се надмине кризата, за неполна година, а можеби и побрзо ќе треба да се соочат со граѓаните на избори, треба да понудат нешто, а немаат ништо. И никогаш немале нешто, освен празни зборови и само за нив разбирливи флоскули. Тие, всушност, бегаат од изборите како од чума. Токму затоа го прифаќаат мотото „колку полошо за државата, толку подобро за нашата клика“, и бескрупулозно ја тераат таа стратегија. Не есапат ништо. Ниту граѓани, ниту изборна волја на граѓани, па дури и на своите избирачи, ниту систем ниту држава. Нив кризата ги одржува во живот и ги храни. Тие само во криза може да функционираат политички, да бидат релевантен фактор кој ќе биде консултиран и повикуван на преговори. 

Замислете поинаква состојба во која с` би било нормално во државата. Состојба во која ВМРО-ДПМНЕ би била оставена на раат да ги спроведува политиките и проектите што ги има ветено пред граѓаните. Замислете ВМРО-ДПМНЕ да биде оставен без проблеми со засилено темпо да ги реализира победничките проекти, забрзано да гради, да инвестира свеж капитал во домашната економија, да доаѓаат најавените странски инвестиции, да биде оставен да ја насочува економијата да работи со полна пареа во функција на подобрување на стандардот на граѓаните. Kој жив во такви услови би се сетил на Заев и неговата дружина? Kој жив би се занимавал со нивните патетични приказни за немање демократија и слобода? Kој воопшто би ги слушал нивните жалопојки кога на државата ќе и оди на секој план, и кога граѓаните ќе ги почувствуваат сите благодати од она што непречено ќе се реализира? Никому. Жалопојките на неспособните за работа, а способни за рушење на с` што некој друг го направил со многу труд и посветеност, но и со мнозинска граѓанска поддршка, ќе мора да си ги кажуваат по дома, или евентуално по нивните партиски седенки. 

Никој жив нема да биде заинтересиран да слуша патетики и небулозни изјави за некаков наводен „крај на тоталитаризмот на големиот диктатор“, ниту пак ќе сака да слуша за тоа како побрзо да се влезе во власта без избори за да се почне проектот на „демонтирање на коцките на Илинденска бб“. А кои се тие да демонтираат кога ништо не изградиле? Kој им го дал правото воопшто да рушат нешто што некој друг го изградил или направил? Може да си рушат само по дома. Нека си кршат домашен инвентар, и што сакаат што е нивно. Граѓанскиот одговор мора да биде во оваа насока. Сите нивни констатации и ставови кои си ги замислиле за да „рушат“, а не за да создадат, нека си ги кажуваат во кафеани каде се силат, каде си го „тепаат“ времето кога не знаат што да прават со денот. Простете, но без криза, овие големи „политички авторитети“ од едно минато време, „предводени“ од Заев ќе бидат инстант заборавени од народот, или можеби, во најдобар случај граѓаните ќе се присетат на нив како на негативни политички ликови од времето на државната транзиција. И толку. Тие тоа многу добро го знаат. Затоа толку упорно го јавнале „бранот на кризата“. Го јавнале затоа што се свесни дека само во него им е спасот. Kризата е нивниот најголем спасител и хранител. Kризата ги прави да бидат политички видливи, но богами и добро ги храни. Од толку странски пари на човек да му се заврти во главата. 

А ние, граѓаните, според нивните мислења, сме обврзани од Бога да го трпиме ова нивно „месијанско јавање“ затоа што не умееме да ги „употребуваме“ своите глави. Затоа што според нивните размислувања ние сме овци и говеда без ум, ние сме празни глави кои дозволуваме да не малтретира диктаторот од нивната приказна. Ние сме ти некои садомазохистички души кои уживаме во оваа „наметната мака“, и не сме свесни дека треба да бидеме спасени токму од оваа партиско-соросоидна клика. Таа упорно ни се нуди како спасител од тиранијава, а ние упорно не ја „регистрираме“ дека постои. И тука доаѓа врвот на нивната нервоза. Kако е можно да сме толку трпеливи и молчеливи и да не се бунтуваме против диктаторот? Kако е можно да не излегуваме масовно на улици за да му покажеме на диктаторот дека не го сакаме? Токму кликата е „од Бога пуштена“ да го решава и ова прашање. Kај и да е, ќе го прогласи мнозинскиот дел од нацијата за опасно ретардиран на кој под итно ќе треба да му се одземе деловната способност и да му се назначи старател кој ќе размислува за него. Старател кој ќе му „помага на ретардираниот народ“ во с`, па и во изборите. Врвот на нивната хипокризија е што тие длабоко во себе сакаат мнозинскиот дел од народот да биде „спален“. Досегашниот „лов на вештерки“ што им го прават на неистомислениците сакаат да премине во „сенародно спалување“. За да се избрише трагот и гласот на новото, прогресивно време, кое најмногу ги боли...

Тања Каракамишева- Јовановска за ДНЕВНИК

 

 

Оцени ја веста

28.06.2015 - 21:03

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега